По скенирањето на состојбата со пожарите од екипите на Центарот за социјална работа од Берово, кој е надлежен и за Пехчево и Делчево, барањата за помош на најпогодените од огнената стихија ќе влезат во системот на добивање на социјална помош. Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која заедно со премиерот Зоран Заев, со пожарникарите и со граѓаните кои се справуваат со пожарите изутрината го посетија беровско-пехчевскиот крај.
„Ние сме во состојба да ги апсорбираме барањата на граѓаните и да одговориме на нив. Министерството во буџетската проекција има средства што треба да одговарат на потребите на граѓаните кога се најранливи, односно во состојба на ризик во ситуација како што е и оваа. Кај нас повикот е постојално отворен и сите кои имаат потреба се обраќаат до центрите за социјална работа, потоа се излегува на терен и се прави проценка. Дополнително имаме и други алатки кои помагаат во урегентни и акутни состојби, како што е еднократната парична помош во одреден износ, кој би им помогнал на граѓаните. Ние сме подготвени да одговориме на потребите и барањата на граѓаните,“ рече министерката Шахпаска.