Она што во моментов е итно и неодложно е заштитата на луѓето кои се најпогодени од огнената стихија – предупреди денеска Хелсиншкиот комитет за човекови права, посочувајќи дека веќе цела недела беснеат шумски пожари на повеќе места низ државата.
-Од тие причини, центрите за социјална работа во областите погодени од пожарите во овие мигови не треба да чекаат барања за да постапуваат, имајќи предвид дека не сите граѓани ги знаат правата на материјален надомест во случај на катастрофи. Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините, треба да им пружи неопходна финансиска и психосоцијална поддршка на најзагрозените – апелираат од невладиниот сектор.
Според Хелсиншкиот комитет, државата треба да ги стави на располагање своите сместувачки капацитети, за навремено да се згрижат лицата чии живеалишта се опожарени или кои се во непосредна близина на пожарите.
Исто така, исплатата на соодветен надомест за санирање на штетите врз објектите и посевите мора да биде навремена – сметаат оттаму.
-Во насока на спречување идна и поголема штета, апелираме до надлежните институции да ги засилат контролите во шумите на територијата на целата држава, а лицата, за кои ќе се докаже дека подметнале пожар, да одговараат за своите кривични дела. Оттука, апелираме до Основното јавно обвинителството итно и транспарентно да постапи во случаите каде што веќе има осомничени – бара Хелсиншкиот комитет.
Оттаму нагласуваат дека месецов ќе дадат посебен приоритет на бесплатната правна помош за лицата кои на директен или индиректен начин трпат имотна и друга лична штета од пожарите.