Утрово Романија испрати „Канадер“, се очекува и авион „Херкулес 530“ за гаснење на пожарите во Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/21 10:19 AM

Утрово Романија испрати „Канадер“, се очекува и авион „Херкулес 530“ за гаснење на пожарите во Македонија

Ситуацијата со пожарите во моментот е најкритична во Пехчево – констатира претпладнево Центарот за управување со кризи. Од оваа институција денеска соопштија дека сите материјално технички ресурси и голем број човекови ресурси се во правец Пехчево-Берово, каде температурата утрово била добра и на некој начин „дозволила“ хеликоптерите да дејствуваат. Другата сила е концентрирана од Делчево кон Разловци.

Во Штип пожарот е реактивирен и таму на терен се пожарникари, 35 војници, како и претставници на шумско стопанство.

Ситуацијата сепак ја отежнува непристапниот терен, кој го отежнува дејствување на надлежните и во близина на Прилеп.

Кај Прилеп има два пожари. Едниот е сосема под контрола и нема проблем.

„Вториот пожар од Плетвар е малку потежок поради непристапноста на терен. Во овој момент температурата и таму е во ред, меѓутоа оној непристапен терен не дозволува во моментот да можете да дејствувате. Се држи под контрола. Се договоривме со градоначалникот ако има потреба најверојатно ќе интервенираме и ќе видиме какви насоки ќе добиеме“, истакна на денешната прес конференција раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски.

Марија Милкова пак, која е помошник раководител во секторот за операција и координација во ЦУК соопшти дека утрово пристигнала уште една странска помош од Романија.

-Помошта се состои од Канадер за гаснење пожари специјализиран хеликоптер, а попладне се очекува да пристигне „Херкулес 530“ кој навистина специјализира со најсовремена опрема и носи придружна ППЕ опрема, пожарникари и други пропратни материјално технички ресурси. Уште една странска помош во текот на денот ќе биде распределена на подрачјето каде што е најкритично – посочи Милкова.

На ова се осврна и Стојановски додавајќи дека овие хеликоптери ќе бидат сместени на аеродромот.

„Херкулес е товарен авион прилагоден дополнително за гаснење на пожари. Се работи за специјализиран авион, за специјализирана намена и со себе носи материјално-технички средства и ресурси, носи пожарникари и носи еден вид шесттонски ќеси наполнети со вода и при летањето на подрачјето за кое му се дадени координати при активен пожар, тие пукаат и во форма на падобран бомба се концентрираат на пожарното дејствие каде што е зариштето на пожарот. Тоа се големи авиони. Денеска ќе се одлучи каде едниот од авионите ќе се полни со вода. Имаме две можности – Преспанското Езеро и уште едно од поголемите вештачки езера. Денеска ќе одлучиме како тоа ќе се врши. Овие летала ќе бидат добредојдени со оглед на временските услови кои не’ очекуваат – сончево и топло време“, нагласи Стојановски.

Кога станува збор за пожарот во Пехчево, најризично е кај Будинарци – информира Милкова.

„Пожарот во пехчевскиот регион во моментот е најризичен кај местото Будинарци, Робово. Таму дејствуваат хеликоптери за гаснење на пожар, армиските и српските. Исто така, покрената е механизација која прави пресек со цел на одредени места да се спречи понатамоншото ширење на пожарите. Таму се ангажирани 120 припадници на Армијата, припадници на Национални шуми, месно население, припадници на МВР, противпожарни бригади од соседните општини Делчево, Каменицаи Берово, припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, припадници на странска помош од Република Бугарија. Таму се распределени екипи од Република Словенија – 45 лица со 17 возила и стотина луѓе од месното население од Будинарци и Робово“, додаде таа на прес конференција.

Според информациите од ЦУК, пожарот од делчевска страна е делумно локализиран, ставен е под контрола, но се’ уште постои опасност за проширување кон селото Разловци.

-Друг активен пожар во моментот има во Штип, во селото Криви Дол. Таму се распределени екипи на Армијата, екипи на противпожарните бригади од повеќе општини. Исто така, активен пожар имаме во Свети Николе, но во моментот е ставен под контрола. Активни пожари имаме и во Прилеп. Покарактеристичен пожар кој во текот на вчерашниот ден избувна е во село Дамјан. Радовиш – информира Милкова.

„Поради ветрот, има голем ветер на тој потег, Координативното тело заседава и на терен се испратени повеќе противпожарни бригади од соседните општини. Доставено е и барање до градоначалникот за активирање на армиски хеликоптер, но се’ уште тоа барање не е покренато, од причина што чекаме подетални информации од терен. Како што сме известени од нашите вработени во регионалните центри во тие делови од државата температурите се малку пониски, нема ветер, но не се знае во текот на денот дали може ветрот да го добие другиот правец, темепратурите да се зголемат“, додаде таа.

Од ЦУК велат дека ситуацијата ќе зависи од временските услови во текот на денешниот ден.

Пожарите во кумановско-липковскиот и во кривопаланечкиот регион веќе се локализирани, ставени под контрола, а на скопска територија немаме пожари во моментот – соопштија од оваа институција, која добива податоци од регионалните центри, од МВР, од пожарните служби, како и од други релевантни институции.

Оттаму најавија дека ќе направат план и ќе се координираат, по што во текот на денот ќе се знае кој каде ќе биде ангажиран.

(В.Ми)