Фестивалската понуда на „Охридско лето” за оваа вечер е солистичкиот концерт на американскиот пијанист со руско потекло Александар Штаркман.
Дебитантските настапи на Александар Штаркман во Лос Анџелес, Чикаго и Њујорк изнудија голем број пофалби од музичката критика и публиката. Критичарот од „Лос Анџелес Тајмс” меѓу останатото пишува: „Александар Штаркман. Запомнете го тоа име…”.
Штаркман настапува ширум САД во концертните сали во Њујорк, Сан Франциско, Бруквил, Палм Бич, Сарасота, како и на Фестивалот во Равинија. Неговите оркестарски настапи вклучуваат концерти со симфониските оркестри во Далас, Форт Ворт, со Чикаго „Синфониета”, фестивалскиот оркестар во Нортвуд и камерниот оркестар во Албакерки. Во 1995 година, Александар Штаркман ја добива првата награда на меѓународниот натпревар „Бузони” во Болцано во Италија. по што следуваат бројни покани за рецитали и настапи со оркестар ширум Европа во следните неколку години. Покрај оваа, тој е добитник на награди и на натпреварите „Ван Клибурн” во 1989 година и на „Чајковски” во 1994 година. Откако победува на натпреварот во Тајпеј му се отвараат и вратите на концертните сали во Азија.
Александар Штаркман настапува во Европа, Азија, САД и земјите во Јужна Америка, но и во Русија и земјите на поранешниот Советски Сојуз, каде често пати е канет да настапува во малата и големата сала на престижниот Московски Конзерваториум.
Од 2002 година, Александар Штаркман е професор на Конзерваториумот „Пибоди” во Балтимор.
Концертот на Штаркман е во црквата „Света Софија” со почеток од 21 часот.