Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, вечерва ги посети припадниците на Армијата во Оперативниот центар на Првата пешадиска бригада во село Тработивиште, делчевско, кое беше едно од најкритично зафатените подрачја во државата, пренесуваат од неговата прес-служба.
Припадниците на Армијата го информираа претседателот Пендаровски за активностите во изминатите неколку дена и нивните обврски како поддршка во гасењето на пожарите во оваа област.
-Ова што го чув последно од последниот брифинг од Армијата е дека ситуацијата е под контрола, што е добро. Јас се надевам дека и временските прилики, со помалку ветер, во наредниве денови ќе ни одат во прилог. Инаку, не можевме самостојно, не можевме тоа да го исконтролираме, Армијата беше практично ударната тупаница на здружените напори на различните институции во Република Северна Македонија, меѓутоа морам да кажам и да се заблагодарам и на државите кои ни помогнаа во тие заеднички напори, истакна претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски рече дека во овој регион во изминатите 4-5 дена има најмногу пожари и затоа и најголем дел од армиските единици се концентрирани тука.
-Ние имаме околу 250 војници на Армијата на Република Северна Македонија, тие ќе останат тука додека има потреба, ако има потреба ќе донесеме и повеќе луѓе. Мислам дека во овој момент, во таа човечка смисла, сме добро екипирани, имаме поддршка и од други институции, се разбира, не е само Армијата, и со заеднички напори мислам дека ја држиме ситуацијата под контрола се додека тоа е неопходно, додаде претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски, при посетата на делчевско-пехчевскиот регион, ја нагласи важноста од укажаната помош и поддршка од Република Бугарија, од Република Словенија, Република Австрија, Република Србија и им се заблагодари за поддршката и од Европската Унија, односно од агенцијата за цивилна заштита и хуманитарна помош.
Пендаровски истакна дека земјава, утрово, доби пристап до заедничкиот сателитски систем на ЕУ, што значително ќе придонесе за рано предупредување од пожари во земјава.
Фото:
Прес-служба на Претседателот на Република Северна Македонија