Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од утре започнува со мониторинг на изборното медиумско известување на радиодифузерите за Локалните избори 2021 година.
Во периодот до почетокот на изборната кампања, предмет на надзор ќе бидат првиот телевизиски програмски канал на Јавниот сервис – МРТ1 и шест комерцијални телевизии на државно ниво кои имаат просечен неделен досег над 10% – ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа и ТВ 24 Вести.
Kaко што информираат од АВМУ, сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставка. Предмет на мониторинг ќе биде нивната вкупна програма, со посебен фокус на централните изданија на вестите и посебните информативни емисии во кои учествуваат учествуваат претставници на власта (државна/локална), на политички партии и други потенцијални учесници во изборите. Ќе се мониторираат и сите други програми во кои има потенцијални учесници во изборите без оглед на причините за нивното појавување.
Како и досега, Агенцијата, на својата веб страница, постави банер со сите материјали релевантни за изборниот процес – законски и подзаконски акти поврзани со изборите, обрасци за преставки, публикации, извештаи и слично.
Имајќи предвид дека со распишувањето на Локалните избори, закажани за 17 октомври, 2021 година, стапија на сила одредбите од Изборниот законик, Агенцијата ги потсети сите радиодифузери на одредбите релевантни за нивното известување и постапување во периодот пред почетокот на изборната кампања.