Над 2.000 експонати сместени вo седум квадратни метри е најмалиот етно музеј во тетовско Џепчиште, кој веќе три децении говори за нашиот идентитет култура и постоење.
„Нема ниту еден златен, но сите се златни“, вели Моне Сименов Златев, кој е сопственик на музејот и кој успеал да ги собере предметите од сите краишта на Македонија. Колекциониерството вели трае од кога памети за себе, а ќе продолжи и во текот на целиот негов живот. На почетокот кога го отворил музејот пред три децении имало 1.115 предмети, но сега има дупло повеќе.
-Јас сакав да студирам етнологија, но тогаш немаше такви студии и се запишав археологија, нешто поблиску до тоа што го сакав. За себе можам да кажам дека сум етнолог, бидејќи целиот живот го посветив на оваа професија, собрав над 2.000 предмети. Имам организирано стотина изложби а имам и одржано повеќе предавања. Студенти имаат завршено на оваа тема, на тема на мојот музеј дипломирале. Тука снимале филмови, еден актер по низок раст ми вели најмалиот актер тука дојде да снима филм во најмалиот музеј, вели Моне.
Годинава музејот слави 30 години од неговото постоење. Во време на негирање вели Моне, овие предмети тука доволно говорат за нашиот идентитет и постоење. Доволно е само да се влезе и да се видат предметите, не треба многу да се зборува. Моне вели – историјата на Македонецот е тука.
-Мислам дека утре и задутре државата ќе најде можност да обезбеди простор, за овие предмети од историско и археолошко значење да можат да дишат. За мене сите предмети се интересни, но секогаш луѓето се заинтерисирани за нешто специфично. На пример тука се наоѓа ковчег од камила од 1896 година, кој мислим дека е единствен со пораки, знаци и обележја. Потоа имам најмал предмет, гласачко топче од гума околу еден сантиметар, бакарна софра која е изработена и вонсериски изрезбана.Најстари предмети, на пример делови од керамика од седми век пред наша вера, имам период од среден век од отоманска империја, титово време и до денес, а најстар предмет од Кратово мие, предмет од вулканска лава над 25 милиони години стар.Македонија е библиска земја не треба да се зборува многу за неа, тие самите предмети зборуваат за нашата историја, истакна Моне.
Моне во музејот имал посетители од странство кои повторно и повторно доаѓаат. Има интерес, бидејќи ова е необичен музеј, може да се фати предметот, а нема влезница.
– Мене ми е доволно што можам да ја покажам нашата историја, додава Моне.
Чуварот на македонското минато и понатака ќе се се грижи за музејот и ќе продолжи да го збогатува така како што е богата македонската историја.
Не се откажува од него, за кој како што вели има напишано и химна која гласи :
Не оставив прашината да ги покрие сеќавањата.
Го бележав времето што одминуваше, како што прилегаше на вистината.
И по мене нема да се забележи дека корените на македонскиот библиски народ се оштетени.
Етносот и понатака ќе тече низ жилите на вечната мудрост.