Соседна Србија повторно се покажа како сосед за пример, подавајќи рака кога ни е најтешко, испраќајќи четири хеликоптери кои ќе помогнат за гаснење на пожарите во земјата, напиша министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на својот „Фејсбук“ профил.
-Државата е со граѓаните, а со нас денеска се нашите пријатели, мојот драг колега од Република Србија, Александар Вулин и српскиот помошник министер за кризни ситуации Лука Чаушиќ, кои ни испратија и 4 хеликоптери за гаснење на пожарите, кои ќе се приклучат на нашите два хеликоптера и ќе сториме сѐ што можеме да ја спречиме огнената стихија низ државата. Голема благодарност до Република Србија, која повторно се покажа како сосед за пример, подавајќи рака кога ни е најтешко и до министерот Вулин лично, за денешната посета, поддршка и помош за Република Северна Македонија, за нашите граѓани – особено е значајно кога човек во неволја не е оставен сам на себе. Затоа се со нас нашите пријатели, затоа ние сме со нашите граѓани, напиша Спасовски.
Благодарение на функционалноста на системот, професиналноста на службите – пожарникарите, полицијата, армијата, но и на смиреноста и солидарноста на граѓаните, како и одговорноста при известувањето на медиумите, додава тој, ситуацијата е ставена под контрола.
Спасовски рече дека и понатаму будно се следи состојбата, со сите ангажирани расположливи капацитети и оние кои допрва ќе пристигнат од пријателите на нашата земја. Материјалната штета, најави министерот за внатрешни работи, ќе биде надоместена.