Филмски викенд под отворено небо на Галичник – ММС
ММС

Објавено на: 08/3/21 10:21 AM

Филмски викенд под отворено небо на Галичник

Следниот викенд, од 5 до 8 август 2021 година, со поддршка од Агенцијата за филм и Делегацијата на Европската Унија Скопје, ќе се одржи второто издание на Галичник Филм Фестивал.

Амфитеатарот Упија во Галичник на 1.500 метри надморска височина ќе биде домаќин на филмските проекции под отворено небо, а доцните часови се резервирани за концерти со филмска музика.

Овој млад културен настан ја промовира уметноста на краткометражниот филм, но и нови филмски автори и нивните остварувања од регионот и пошироко.

Селекцијата вклучува 26 филмови од цел свет, во три натпреварувачки категории: Игран, Документарен и Анимиран краткометражен филм.

Ќе се прикажат неколку европски премиери, но и филмски наслови со учества на Оскарите, Канскиот филмски фестивал, Санденс, ИДФА, Венецијанскиот филмски фестивал, Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, Клермонт-Феранд фестивалот за краткометражни филмови, Филмскиот фестивал во Сараево, а сега достапни и пред македонската публика. Добитникот на Оскар за најдобар краткометражен филм, „Кожа” на режисерот Гај Натив и номинираниот за Оскар „Собата за писма” на режисерката Елвира Линд се само дел од врвните филмски достигнувања кои се борат за главната награда.

Домашните автори повторно имаат значајно место во програмата на Галичник Филм Фестивал. На отворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Налепница” по сценарио и режија на Георги М. Унковски. Дополнително ќе имаме можност да го погледнеме и „Кавал” на Саша Станишиќ.

„Летечки пекинезери” ќе ја заокружат првата фестивалска вечер со концерт на филмска музика, а DJ Чваре ќе се погрижи за атмосферата на затворањето на фестивалот.

Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна во целост. За повеќе информации следете ја Фејсбук фан страната на фестивалот и Фејсбук настанот.

Галичник Филм Фестивал е во организација на Дарма Филм и Месна Заедница Галичник.