Делчевските производители на слива денеска на протест пред општинската зграда – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/18 8:25 AM

Делчевските производители на слива денеска на протест пред општинската зграда

Производителите на сливи од делчевскиот крај денеска преку протест ќе го искажат својот револт од неизвесноста за тоа каде ќе завршат нивните производи. Надлежните и понатаму немаат решение за пете илјади тони слива од овој крај, а ова е и причина за денешниот протест кој според најавите, ќе започне во десет часот пред зградата на општина Делчево. Производителите се жалат и поради тоа што, според нив, нема доволно откупувачи, но и како што велат, откупната цена е несоодветна.

Вчера пак, од Министерството за земјоделство стигна најава за нова субвенција за откупот на сливи. Откупувачите регистрирани за преработка на земјоделски производи и правните лица регистрирани за вршење на трговија со земјоделски производи кои извршиле откуп на сливи од реколтата 2018 од домашно производство ќе добијат субвенција од два денари по килограм – соопшти ресорното министерство.

Финансиската поддршка ќе стапи на сила со објавување на одлуката во Службен весник и ќе важи за откупени количини на сливи до 15 септември годинава по откупна цена не пониска од пет денари за килограм за индустриски сливи. Субвенцијата ќе важи и за откупувачите кои ќе откупат свежа слива, со кои е договорено откупната цена да не биде пониска од осум денари за килограм.

Сепак, според опозицијата ваквата мерка нема да придонесе да се постигне рентабилна цена и да се реши проблемот со откупот.

Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски вчера на прес конференција обвини дека Егзистенција на производителите на слива е доведена во прашање, а власта предлага мерки кои нема да го решат проблемот со откупот на сливата.

„Ја повикуваме владата во договор со откупувачите да обезбеди минимална откупна цена од 12 денари по килограм и тоа во најбрз можен рок. Над 10.000 тони слива треба да бидат откупени, а земјоделците очекуваат фер цена која ќе ја обезбеди нивната егзистенција. Оваа мерка можеби не е во полза на Кочо Анѓушев и неговите фирми, па истата можеби не е приоритет на владата, како мерката за ослободување од царински давачки на јонско литиумските батерии за фирмите на Анѓушев, но оваа мерка ќе ја обезбеди егзистенцијата на илјадници семејства на кои единствен приход им е продажба на сливата која ја имаат произведено“, додаде Трипуновски.