Предлогот за разрешување на директорот на БЈБ, Лазе Велковски кој го поднесе министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска на дневен ред на владина седница. Доколку биде донесена одлука да се постапи по неговиот предлог ќе се разгледуваат и можни решенија. Премиерот, Зоран Заев сепак вели дека немаат размислувано за можни имиња кои би можеле да го заменат Велковски:
„Се работи за поднесување на одговорност, она што граѓаните го очекуваат од политичарите, од носителите на јавните функции и слично. Затоа што, уште еднаш ќе потврдам господинот Велковски е еден од моите први соработници, соработници на министерот Оливер Спасовски, но грешката е направена и одговорноста мора да се понесе. Секако, јас верувам дека тој ќе остане и понатаму значаен фактор во Министерството за внатрешни работи, заради тоа што е важен со неговото искуство и од помош на државата и таа треба да продолжи да го користи неговото искуство во работата. Исправен пред заканата и одредени закани, коишто од минатото се насочени кон него и семејството, секако ја направил грешката и за таа грешка треба да понесе одговорност“.
Според процедурата, пред почетокот на владината седница би требало да се состане кадровската комисија. Претседател на комисијата е Спасовски, а членови се вицепремиерите Кочо Анѓушев и Хазби Лика, како и министрите за животна средина и за здравство, Дураку и Филипче.
Спасовски поднесе предлог за разрешување на Велковски, откако се утврди дека на Илинден, со налог но без решение, со службен полициски џип тој ја испратил ќерката во Грција.