Чист, снабден со вода, полн со зеленило и осветлен – Идеален Штип според првиот човек на ЈП „Исар“ (видео) – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/21 6:08 PM

Чист, снабден со вода, полн со зеленило и осветлен – Идеален Штип според првиот човек на ЈП „Исар“ (видео)

Штип пред се треба да биде чист, снабден со вода, полн со зеленило и осветлен – вака го замислува идеален градот првиот човек на Јавното претпријатие „Исар“-Штип, Здравко Коцев. За него ова е втор пат да биде на директорската функција во ова претпријатие. На нашето прашање зошто сега повторно, тој е категоричен, да го заврши она што тогаш не успеал-

-Важно е дали кога ќе се нафатиме на некоја функција сме спремни да направиме нешто за овој град или сме спремни само да не викаат „директоре“. Некои луѓе сакаат службена кола, сметка и телефон, но мојата поента е друга, се враќам за да го довршам она што не успеав претходно. Се надевам дека граѓаните препознаваат кој има желба да работи и оти ќе уживаат во тоа што ЈП „Исар“ ќе го прави, вели директорот Коцев.

Штипјани во последните месеци забележуваат поразлично работење на „Исар“, подобрување  на јавната чистота, но и поразлично хортикултурно и пејсажно уредување. За работата на Јавното претпријатие со 330 вработени, поразговаравме со директорот Коцев, го прашавме како функционира работата и што се смени откако тој дојде.

-Луѓето, опремата и возилата се исти, се смени само првиот човек. Направивме реорганизација, сметот досега се собираше преку ден, а сега се собира навечер. Воведовме три смени и во водовод и канализација. Во паркови и зеленило воведовме и втора смена. Досега редовно делиме плата, редовно ги сервисираме нашите обврски спрема добавувачите. Имавме заостанат долг за електрична енергија, па покрај редовната сметка плаќаме и дел од тој долг. Морам да напоменам дека имаме голема потрошувачка на електрична енергија, можеби и најмногу од сите јавни претпријатија. Мислам дека состојбата е во нормални рамки, но секако може да биде и подобро, вели Коцев.

Во однос на критиките од опозицијата дека на Штип му се случува импровизација наместо урбанизација, директорот вели дека единствено меродавно може да судат граѓаните. Обврска на „Исар“ како што вели тој се зелените површини, хигиената,  водоводот и канализацијата, спортските терени, погребалните услуги и неколку пропратни работи.

За тоа дека немаме доволно зелени површини, директорот не се сложува, но вели ни треба поголема грижа и средување.

-Првиот пат кога бев директор направивме добра работа со паркот во Осми ноември и после 15 години тој се уште е нешто убаво. Го имаме паркот на „Кртеќе“, оние во Дузлакот и Бабите. Не би се сложил дека имаме малку паркови површини, но се сложувам дека не се досредени. Ние досега имавме некој прототип – грмуши и трева. Јас и мојата екипа се трудиме да внесеме нешто ново. Сите кружни текови во градот ги преуредивме. Сега поразличен е кружниот тек на Дујлето во Штип. За да се направи нешто не секогаш требаат многу пари, туку енергија и желба. Во иднина три пати во годината планираме да ги планираме цвеќињата. Паунот кој се наоѓа на кружниот тек, ќе го облекуваме во зависност од сезоната, вели директорот.

Интересно за штипјани беше и релоцирањето на дрвата од булеварот „Партизанска“, кои своето место го најдоа на штипската патека, место каде штипјани се релаксираат.

-Лесно беше досега, некое дрво стои на патот и го сечеш, но дрвото стоело таму 20 години. Ние донесовме машина која ги извади од корен. Макар 50 отсто да спасиме од тие дрва ќе биде добро, сега се во период на некој начин да речеме боледување, но ние со ѓубрење и со наводнување ги одржуваме додека се зафатат, вели Коцев.

Голем предизвик за него претставува штипската Зоолошка градина. За неа голем дел од јавноста разбра преку мечето Теди, кое по три години живот во мал кафез, замина во Бугарија. Критиките директорот вели се оправдани и работи на нејзино релоцирање или на целосно затварање.

-Кога бев кандидат за градоначалник во 2009 јас во мојата програма напишав зоолошка градина, но не да биде овде, помеѓу згради и во најубавиот дел на градот. Сега се мачат и животните и ние. Условите се лоши, видовте што се случи со мечето Теди. Човекот кој се грижи за нив кажува дека условите се лоши и овој простор не е тоа. Ќе настојувам, ако веќе на Штип му треба зоолошка, да најдеме место за вистинска зоолошка, не да импровизираме, вели Коцев.

На крајот на разговорот, секако најдолго се задржуваме на најгорливиот проблем за штипјани секое лето – водоснабдувањето. Се случува граѓаните  во најголемите горештини и со денови да останат без вода. Проблем е неразумното трошење на водата, но најмногу застарената водоводна инсталација.

-Лошото е што одредени луѓе не сфаќаат колку е битна водата, сфаќаат само кога ја нема. Вода се краде и се прават бизниси, се наводнуваат оранжерии и бавчи. Ние имаме околу 60 отсто загуба на водата. Еве замислете, произведуваме 100 литри вода, ја носиме од бунарите, со струја ја пумпаме во препумпмна станица, пак со струја ја носиме во резервоарите и ја праќаме до домаќинствата. Од овие 100 литри губиме 60 литри, а цената е израчуната за стоте литри. Проблем е и крадењето на вода, но и застарената водоводна инсталација, вели Коцев.

Тој повторно апелира водата да се користи разумно, особено сега, не за наводнување, туку за пиење и лична хигиена.