Работниците кои ги исполнуваат условите од новиот Закон за стечајци имаат 30 дена рок да се пријават во Бирото – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/21 10:30 AM

Работниците кои ги исполнуваат условите од новиот Закон за стечајци имаат 30 дена рок да се пријават во Бирото

Со новиот Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, Министерството за труд и социјална политика обезбеди паричен надоместок за уште 1100 стечајци.

Со Законот за стечајци  невработеното лице, треба да има најмалку 14 години работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата.

Останатите услови остануваат исти како и со досегашното законско решение, односно работниот однос на невработеното лице да му престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 31 декември 2020 година, во претпријатие со доминантна сопственост на државата или на кое работниот однос му престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, по приватизација на претпријатието, под услов истиот да бил заснован додека претпријатието било со доминантна сопственост на државата.

На денот на поднесување на барањето, невработеното лице треба да е на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж); да остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, да не било во работен однос.

Министерството за труд и социјална политика ги повикува сите лица кои ги исполнуваат условите, во рок од 30 дена на влегувањето во сила на овој закон, да се пријават во Агенцијата за вработување за да ги остварат своите права.

За спроведување на овој закон на месечно ниво ќе бидат потребни 13.093.300 денари, односно за 4 месеци од 2021 година околу 52.373.200 денари.

Новиот Закон за стечајци вчера Собранието едногласно го изгласа.

 

О.К.