(Видео) Сребрениот олимписки медал слета во Македонија – Дејан Георгиевски пречекан со песната „Виши соколе“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/29/21 2:41 PM

(Видео) Сребрениот олимписки медал слета во Македонија – Дејан Георгиевски пречекан со песната „Виши соколе“

На скопскиот аеродром пристигна македонскиот освојувач на сребрен медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Дејан Георгиевски кој беше пречекан од страна на голем број луѓе, а најголемиот аплауз го доби од своите сожители од населбата Бутел кои неговите настапи ги следеа организирано.

Георгиевски на аеродромот беше пречекан со песната „Виши Соколе“ од Елена Георгиева што е всушност неформална химна на местото од каде што потекнува.

– Си го познавам своето дете и знаев дека ќе биде успешен. Ќе биде златото наше, верувам во тоа. Кога го освои сребрениот медал, ни се јави и рече дека бил разочаран, не беше свесен што значи тоа. Но, потоа сфати дека среброто е со златен сјај затоа што е прво за Македонија – рекоа за ММС, родителите на Дејан Георгиевски, Тања и Јонче.

Дејан беше пресреќен од тоа што огромна маса луѓе го пречекаа и се заблагодари на поддршката на сите навивачи.

– Сакам да им се заблагодарам на сите што дојдовте тука. Уморни сме, но ќе ве замолам да дојдете вечер на плоштадот во Скопје (19.30) сите заедно да го прославиме овој успех кој не е само мој, туку на цела земја и сите што живеат во Македонија.

Олимпискиот комитет на Македонија кој и досега севкупно ги финансираше сите подготвителни активности на таеквондо репрезентативците на најпрофесионален начин, одобри и финансиска награда за најзаслужниот за овој извонреден успех кој е круна на повеќегодишната систематска работа на стручниот штаб сесрдно подржан од Олимпискиот комитет. Финансиската еднократна награда ќе изнесува 10.000 евра за Дејан Георгиевски. Дополнително Олимпискиот комитет ќе обезбеди максимална стипендија за Дејан за следните Олимписки игри во Париз 2024 во износ од 1.000 долари месечно.

Видео: Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски