Тренерот на македонскиот освојувач на олимписко сребро Дејан Георгиевски, Дарко Костовски преку социјалните мрежи се откажа од 10.000 евра кои државата им ги додели за големиот успех во Токио.
„Владата доделила 20 000 евра за македонската спортска икона Дејан Георгиевски и 10 000 евра за тренерите. Мојот брат, д-р Борче Костовски и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост ! За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал со златен отсјај за Македонија!“, објави Дарко Костовски.
Владата одлучи на нашиот претставник на Олимписките игри во Токио кој се закити со сребрен медал во дисциплината теквондо Дејан Георгиевски да му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000,00 денари, а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени 600.000,00 денари.
Освојувачот на сребрениот медал во теквондо на ЛОИ Токио 2020 ќе биде награден и со дополнителни 600.000,00 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.
Освојувачот на медал, Дејан Георгиевски преку видео порака ги покани сите фанови да го пречекаат на плоштадот во Скопје, а неговиот тренер Дарко Костовски на Фејсбук направи специјална покана.
„Почитувани граѓани на Македонија! Утре (четврток) со почеток во 19:30 часот на плоштад веднаш до триумфалната порта Македонија да го пречекаме нашиот јунак, нашиот херој, нашиот олимписки сребрен медалист Дејан Георгиевски.
Ве очекуваме во што поголем број, плоштадот да ни биде тесен, да покажеме што значи ова момче за Македонија, да покажеме што значи Македонија. Сите оние кои што сакаат да не пречекаат и на аеродром, можат да дојдат во 14:30 часот на скопскиот аеродром ! Се гледаме утре на плоштад, 19:30 часот !“, напиша Костовски во објавата.
О.К.