Максимални 400 евра ќе плати новинар кој ќе загуби спор за клевета или навреда – ММС
ММС

Објавено на: 07/28/21 10:50 AM

Максимални 400 евра ќе плати новинар кој ќе загуби спор за клевета или навреда

Владата го утврди текстот на Предлог-законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела, како и измените и дополнувањата на Законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци заради цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции, на Законот за Академија на судии и обвинители, Законот за парнична постапка, на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и Кривичниот законик.

Со измените и дополнувањата во Кривичниот законик, меѓу другото, се предлагаат членови со кои во иднина нападот врз новинар, снимател или фоторепортер ќе се третира исто како напад врз службено лице.

Со другите измени што се предлагаат како дополнувања на Кривичниот законик се предвидува ново кривично дело „демнење” за да се обезбеди заштита на жените од сексуално и секакво друго вознемирување преку каналите за комуникација вклучувајќи и преку интернет.

Со предложените измени на Законот за граѓанска одговорност е предвидено значително намалување на сумата којашто ќе ја плаќаат новинарите за изгубен спор за клевета или навреда од сега предвидените 2000 евра на максимални 400 евра.