Медалот на таеквондистот Дејан Георгиевски во Токио ги потврди страста, жарот, откажувањето, подемите и падовите, радоста и тагата, тоа што врвниот спорт и Олимписките игри како древен собир на најдобрите спортисти го носат.
А, борбата за докажување и гладта за искачување на пиедесталот кај Дејан и останатите потсети на легендарниот велешанец Вангел Жабев кој горделиво ги чува двата брозени медали од Параолимписките игри во Арнхем, Холандија.
Скромниот 82-годишниот пензионер, иако е без двете раце кои ги загубил во несреќен случај како дете во 1947 година, решил да не живее во сожалување и го зграбил животот преку спортот и емоциите кои ги нудат врвните натпреварувања.
За ММС, чичко Вангел се присети летото во 1980 година кога ги освои двата бронзени медали во дисциплините 50 метри слободно и 150 метри мешано и на двапати се качуваше на пиедесталот на најголемото натпреварување за лица со попреченост, Параолимписките игри.
– Тоа беше врвот во мојата кариера и двапати се искачив на пиедесталот иако немав најдобри услови. За пливач кој доаѓа од град кој во тоа време немал базен, резултот е одличен. За да тренирам, патував секој ден во Скопје со воз. Пливавме на 25-метарскиот базен во Карпош. Во Скопје тренирав од јануари до мај и потоа заминав на подготовки во Белград затоа што базенот не работеше во Скопје. Ова ми беше прва олимпијада на која учествував, но втора за која се подготвував – откри Вангел Жабев кој морал сам да си ги поставува задачите, да мери време, да планира колку ќе исплива и да ги брои круговите минати во вода затоа што немал ниту тренер.
Чичко Вангел жали што не учествувал на Параолимписките игри во Торонто во 1976 година затоа што бил во врвна форма и знаел дека ќе освои златен медал.
– За првата олимпијада се подготвував во Охрид и еден месец на базенот во склоп на затворот Идризово. Во 1976 година требаше да се одржи Параолимпијадата. Тргнавме на пат и стигнавме до Загреб. Во меѓувреме ИОК и одобри учество на Јужноафриканска република и нашето политичко раководство реши да ги бојкотира Игрите поради апартхејдот во ЈАР. А, тогаш бев најпогодготвен според времето на пливачите, ќе стигнев сигурно до златен медал во мешан стил. Голем дел од спортистите плачеа на аеродромот во Загреб – истакна Вангел.
Ниту инвалидитетот не му бил пречка да научи да плива и тоа на реката Вардар. А, во Велес, не си пливач ако не си се капел во Вардар крај местото кое велешани го викаат Бентот.
– Научив да пливам во Вардар на Бентот како и сите други. Со рацете не се плива, тие се за брзина, важна е позицијата на телото. Спортот ми беше интересен, а јас си реков ќе пробам и атлетика и пливање. Треба да пробуваш многу и да видиш со половичен напор какви резултати ќе имаш. Кога ќе видиш дека со малку труд можеш да направиш резултат, знаеш дека тоа е спортот во кој ќе успееш. Ми беше интересно да учествувам, цела Југославија ја прошетавме, одевме на подготовки, на државни првенства. Бев единствен од Македонија и потоа дојде Бранимир Јовановски, еден од најинтелегентните спортисти кај нас – раскажа популарниот Чича.
За квалификациите за избор во олимпискиот тим пливачите требало да исполнат две од четири норми, а Вангел без проблеми ги остварил затоа што тогаш чувствувал неверојатна ментална сила и физичка моќ.
– Немав тренери јас. Ментално бев силен и физички јак. Кај луѓето со попреченост енергијата се пренасочува. Мене не ми пречеше тоа што сум со раце до лактовите. Велат дека ако едно ти недостасува, на друго се префрлува, а мене нозете ми беа здрави – додаде чичко Вангел.
За постигнатото бил спортист на Велес во 1980 година, кога ја добил и највисоката општинска награда 9-ти Ноември. Претседател е на Здружението на цивилните инвалиди од војната – Велес и Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди – Велес, активен е и во велешкото здружение на слепи лица, во Националната Федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписки Комитет на Северна Македонија.
Орце Костов