Околу 150 пациенти со малигнитети на коски годишно се лекуваат на Клиниката за ортопедија во Скопје: Се’ помалку се испраќаат на третмани во странство – ММС
ММС

Објавено на: 07/27/21 12:32 PM

Околу 150 пациенти со малигнитети на коски годишно се лекуваат на Клиниката за ортопедија во Скопје: Се’ помалку се испраќаат на третмани во странство

Околу 150 пациенти со малигни болести на коските годишно се лекуваат на Клиниката за ортопедија во Скопје. За првпат таму е направена и трансплантација на коскено ткиво на пациентка со малигна болест на бутната коска на едната нога. Ткивото е донирано од еден од починатите донори во изминатиот период – изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Одбележувајќи го јули како месец на остеосаркомите, односно малигните заболувања на коскениот систем, Филипче рече дека во тек се разговори за тоа како да се подобри здравствената услуга.

Пациентката кај која е направена трансплантацијата пак, се чувствува добро и веќе два месеца оди со патерици, истакна директорот на Клиниката, д-р Александар Трајановски. Тој информира дека годинава набавиле и туморски протези кои може да се имплантираат на колено, нешто за што претходно пациентите биле праќани во странство.

Д-р Резеарт Далипи потсети дека е реновиран Одделот за пациентите со малигни заболувања на остеоартикуларниот систем, но сепак тимот работи на тоа да се зголеми бројот на кревети за овие пациенти, како и да се зголеми кадарот за ваквата патологија.

Раководителот на Одделот за ортопедска онкологија, д-р Милан Самарџиски објасни дека предмет на работа на него и неговите колеги се саркомите (малигни тумори на сврзно ткиво) и метастазите на коски од карциноми.

„Саркомите се релативно ретки и смртоносни. Сериозноста на нивната дијагностика е толку голема што во светот се формираат специјални групи наречени саркома конзилиуми, а кај нас се нарекуваат групи од мултидисциплинарен систем каде имаме радиолог, онколог, патолог, ортопед и ортопедски хирург. Тоа се повеќе луѓе кои учествуваат во таа комисија што е задолжителна со закон и ја намалува грешката во дијагностиката и ги намалува пропустите, а се зголемува ефикасноста во лекувањето“, посочи д-р Самарџиски.

„Во дијагностичкиот дел најважниот дел е биопсијата. Во карциномите и саркомите не постои превенција и затоа раното и брзо откривање, правата дијагностика и упатувањето на соодветно место е од најголема важност“, додаде тој.

Д-р Самарџиски истакна дека Клиниката за ортопедија функционира како регионален центар, па се надева дека со новите услови на работа ќе се привлечат што повеќе млади доктори, за да се зголеми тимот за скелетно-мускулни тумори.

 

В. Ми