Пестициди и инсектициди во овоштарството се причината за угинувањето на пчелите во Тетовско – ММС
ММС

Објавено на: 07/25/21 9:30 AM

Пестициди и инсектициди во овоштарството се причината за угинувањето на пчелите во Тетовско

Пчеларите во Тетовско, покрај со климатските промени и зголемувањето на температурите, последниов период се соочуваат со уште една проблематика, која е причина за угинување на пчелите и намалување на приносите.

Тие посочуваат дека пестициди и инсектициди се користат во градинарството и овоштарството, па пчелите што пристигаат до цветовите на дрвјата и растенијата угинуваат поради присуството на ваквите средства за заштита.

– Поголеми труења на пчелите има поради зголемено присуство на пестициди во градинарство и овоштарството. Особено ова е изразено сега по појавата на некои нови сорти што се одгледуваат во Тетовско како малините. Таа култура значително се проширува на овоштарници, малината цвета подолг период, поточно нонстоп цвета и вади плодови, па со тоа е значајно медоносна. За да си го заштитат својот производ, одгледувачите ги прскаат, а пчелите нонстоп ги посетуваат токму поради тоа што е медоносна, објаснува Владимир Петровски од здружението на пчелари „Полошки мед”.

Угинувањето на пчелите го интензивира постојниот и тежок проблем на пчеларите – намалените приноси на мед.

Неговиот колега од здружението на пчелари „Град на пчелите”, Дритон Дикена, вели дека дел угинати пчели се пратени на испитувања, при што е утврдено дека се користат и недозволени средства за третман на овошје и зеленчук за заштита од инсекти.

– Користени се пестициди и инсектициди што се одамна забранети. Затоа е потребно институциите повеќе да дејствуваат во контрола на оваа област. Ние сме свесни дека земјоделците треба да ги штитат своите приноси, но истото важи и за нас. Затоа предлагаме и поголема соработка на сите засегнати страни, земјоделци, пчелари и институции, вели Дритон Дикена.

Во Тетовско најмногу има багремов, ливадски и костенов мед. Најмногу баран, според искуствата на соговорниците, е костеновиот, кој се смета и за најквалитетен мед. Токму овој вид мед спаѓа меѓу оние што имаа многу мал принос.

– Една од причините да се почне во август со подготовки за зимата во Тетовско се токму проблемите со кои се соочуваме. Сега се прави неопходниот третман со „чадење” против крлежот вароа што се јавува кај пчелите, се прави прихрана на пчелните семејства, како и спојување на слаби и силни друштва со пчели. Комплетирањето на едно пчелно семејство е обидот да се помине зимата и да се достигне што повеќе мед, објаснува Петровски.

Во државата има околу 242 илјади пчелни семејства, кои ги одгледуваат над шест илјади пчелари. Двете тетовски здруженија од 2019 година започнаа да организираат меѓународен натпревар за квалитет на мед.

 

МИА