Се развиори македонското знаме на Олимписките игри во Токио – ММС
ММС

Објавено на: 07/23/21 2:38 PM

Се развиори македонското знаме на Олимписките игри во Токио

Осуммина македонски спортисти заедно со своите тренери и официјалните лица од МОК го развиорија знамето на Македонија пред малку на Националниот стадион во Токио на отворањето на Летните олимписки игри во Токио.

Знаменосците Дејан Георгиевски (теквондо) и Арбреша Реџепи (џудо) се појавија на дефилето како 50-та олимписка селекција која ќе учествува во најчудните олимписки игри досега затоа што ќе се одиграат без гледачи среде пандемија со коронавирусот.

„Многу среќа и успех на осумте наши спортисти кои ќе ја претставуваат Северна Македонија на 32-те Летни олимписки игри 2020.Нашето знаме се развиори на свеченото отворање на Националниот стадион во Токио“, им посака успех на нашите олимпијци претседателот Стево Пендаровски на својот профил на Фејсбук.

Македонија на овие игри ќе ја престават борачот Могамедгаджи Нуров (борење, 97 кг, 6 август),  Дејан Георгиевски (таеквондо, 80кг, 27 јули, 03,15 часот), Филип Деркоски (400м слободно квалификации, 13 часот, 24 јули) и Миа Блажевска-Еминова (100м слободно, квалификации, 28 јули, 14 часот), Јован Стојоски (атлетика 100 метри, 01 август, 03,45 часот по македонско време), Борјан Бранковски (стрелаштво, настап на 24 јули, 06 часот по македонско време), Пулексенија Јованоска (карате, 5 август, 03 часот) и Арбреша Реџепи (џудо, 52 кг, 25 јули, 04 часот).

О.К.

Фото: МОК