Жално и пусто е да имаш премиера во полупразен салон, се надевам сѐ ќе се врати во нормала: Интервју со наградената актерка Марија Минчева Андонов – ММС
ММС

Објавено на: 07/23/21 1:28 PM

Жално и пусто е да имаш премиера во полупразен салон, се надевам сѐ ќе се врати во нормала: Интервју со наградената актерка Марија Минчева Андонов

Претставата „Ова дете“ ѝ донесе награда на актерката, Марија Минчева Андонов од Штипскиот театар.

Младата актерка ја доби наградата за епизодна улога на интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа, што всушност беше и повод за да поразговараме со неа. Во интервјуто за Македонски медиа сервис таа зборува за селекцијата, за процесот на подготовка на оваа претстава, како и за начинот на кој сега функционира Народниот театар – Штип.

Фестивалот „Актерот на Европа” оваа година поради ковид ситуацијата се одржа онлајн. Од нашата институција е испратена снимка од претставата „Ова дете” по мотиви од текст на  Жоел Помра, а во режија на Александар Ивановски. Интернационалното жири во состав: проф. Мето Јовановски (претседател), проф. д-р Мимоза Раил и проф. м-р Јани Бојаџи одлучиле мене да ми ја доделат наградата за епизодна улога, вели Минчева Андонов за ММС.

Какви емоции Ви донесе оваа награда, особено што ја добивате во време на пандемија која значително се одрази врз работата на културните работници, меѓу кои и актерите? Дали Ви донесе поттик и мотив за повеќе работа?

Искрено, бев многу изненадена, а во исто време и среќна. Интересно е што оваа претстава (исто како и наградата) својата премиера ја доживеа во екот на пандемијата. Беше долг процес, но сите бевме мотивирани, напорно работевме, не сакавме да се откажеме и на крај успеавме да направиме одлична претстава. Не само наградите, туку и секој аплауз, секоја насмевка, солза од публиката  е мотивација и инспирација за еден актер да продолжи да работи на себе, да се надоградува и секоја наредна улога да биде уште подобра.

Каков е вашиот впечаток, дали на луѓето им недостигаше театарот?

Претставите сега се играат согласно сите протоколи и мислам дека да, на публиката и’ недостигаше театарот, а секако и нам. Многу е жално и пусто, да имаш премиера на полупразен салон. Да се надеваме дека наскоро сѐ ќе се врати во нормала.

На какви проекти во моментот работите Вие и Вашите колеги, дали може да очекуваме некои нови премиери?

Во моментов се работат две нови претстави. Едната е „Едип коментари” во режија на Драгана Милошевска Попова, а другата „Крилја” во режија на Никола Ристов. Се работи со полна пареа, напорно и секојдневно. Очекувајте покана за премиера во најскоро време.

Низ годините Штипскиот театар гостуваше во рамките на многу културни лета, дали и летово е планиран некој таков настап, надвор од градот?

Оваа година сите наши настапи беа само за Штипско културно лето, но во иднина нѐ очекуваат веќе добро познатите македонски фестивали, (од некои веќе и добивме покана) и да се надеваме дека ќе учествуваме и на фестивали надвор од нашата држава.

 

Вања Мицевска