Тоа што Турција е земја на контрасти, убавина, ориенти, туризмот го издигна речиси до совршенство. Затоа Анталија во моментов е четврта најпосетувана летна дестинација на светско ниво. Затоа веќе никој не се двоуми каде да го помине одморот, одлуката секако паѓа на Турција, а туристите најблаго кажано остануваат без здив. Има забава за сечиј вкус, бидејќи Анталија не е само луксузни хотелски ресорти.
Љубителите на културата и историјата, излегуваат од ресортите и се запознаваат одблизу со стариот антички град Перге. Се наоѓа на 18 километри од градот Анталија, огромна површина со урнатини, меѓу нив акропола која датира од бронзеното време. Големиот Александар Македонски го искористил како основен логор. На врвот, на градот живееле повеќе од 45.000 луѓе. Минатата година токму тука беше пронајдена статуа на жена од хеленистичкиот период стара 1700 години. Овој археолошки локалитет во античкиот град систематски го истражува Истанбулскиот универзитет од 1946 година.
Стариот дел на градот Анталија со остатоците од византиска и римска култура зборува за својата голема историска и цивилизациска вредност. Калечи, го има еден од најпознатите споменици во Анталија, Хадријановата капија. Изградена во 130 година, за време на посетата на римскиот цар Хадријан. Специфично за неа е што се состои од три триумфални капии кои се споени. Штом ќе ја поминете влегувате во стариот дел на градот што води низ чаршијата, тесните улички со ресторани и хотели, кои го задржале стариот автентичен изглед… Она што овде е задолжително е турски чај или кафе во раните утрински часови, бидејќи по 10 часот температурите се искачуваат над 40 степени.
Анталија денес на туристите им нуди мистично минато, модерна сегашност и интригантно наговестување за иднината. Овој град е дел од тиркизната турска ривиера, место каде се создала совршена хармонија од сонце, море, историја и најчисто крајбрежје на медитеранот, а тоа секако одморот го прави идеален, со уживање на сите сетила.
Се претпоставува дека до 2023 година Турција ќе биде домаќин на 75 милиони туристи годишно, како и дека ќе достигнат 65 милијарди долари приходи од туризмот.
ММС