Советникот во Белата куќа за ковид-19 Ентони Фаучи ги критикуваше медиумите за ширење лажни информации за вакцините, велејќи дека искоренувањето на сипаниците и детската парализа би било невозможно со сегашните дезинформации.
Доктор Фаучи одговори на новинар на Си-ен-ен, кој го праша дали мисли „дека ќе можевме да ги победиме сипаниците или да ја искорениме детската парализа, ако Фокс њуз ги предупредуваше луѓето за проблеми со вакцините“.
Главниот епидемиолог на САД предупреди дека некои невакцинирани возрасни лица се изложени на лажни информации, дека тие честопати се скептични во однос на објективните податоци за ковидот и дека тие често ја оправдуваат нивната одлука да не се вакцинираат со „работи што едноставно не се точни“, објави Форбс .
Малите сипаници беше искоренета во светот пред околу 40 години, а детската парализа е елиминирана во речиси секоја земја.
Ден претходно американскиот претседател Џо Бајден го критикуваше „Фејсбук“ и другите социјални мрежи обвинувајќи ги за пренесување лажни информации за вакцините.
По првиот бран на вакцинација низ целата земја, темпото на вакцинација нагло е намалено во САД. Случаите на зараза се зголемуваат во државите со најниска стапка на вакцинација, исто како што заразната делта варијанта рапидно се шири.
Целта најавена од Бајден, да се вакцинираат 70 проценти од возрасните до националниот празник 4 јули, не е постигната.