Отворање на привремениот граничен премин Стрезимир – Рестилица, ќе работи до први септември – ММС
ММС

Објавено на: 07/18/21 9:09 AM

Отворање на привремениот граничен премин Стрезимир – Рестилица, ќе работи до први септември

Граничниот премин Стрезимир – Рестилица на македонско-косовската граница, од денеска до 1 септември ќе биде отворен за минување за граѓаните од двете земји. Преминот ќе биде отворен секој ден од 8 до 20 часот, а за преминување ќе важат истите правила како и на другите гранични премини, односно патна исправа (пасош или лична карта и зелен картон за автомобил).

„Овој премин ќе биде многу значаен за развојот на туризмот на општините од двете страни на границата, како и за меѓусебното поврзување на жителите од општините Маврово и Ростуше, Центар Жупа и Дебар со жителите на општините Рестелица, Драгаш и Призрен,“ вели градоначалникот  Медат Куртовски Куртовски.

За отворањето на привремениот граничен премин, кој се наоѓа на планината Кораб, на тромеѓето Македонија-Албанија- Косово, денеска објави и Минисерството за внатрешни работи на Косово.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во краткото соопштение на косовското МВР се наведува дека церемонијата на отворањето на граничниот премин ќе се одржи денеска во 12 часот.

Македонија и Косово актуелно имаат два гранични премина – Блаце (Генерал Јанковиќ) и Јажинце (Глобочица).

Граничниот премин  Стрезимир – Рестилица, кој подолг период воопшто не функционираше, беше отворен во истиот период во  2018-та, потоа и следната 2019 година, додека лани поради пандемијата не беше отворен. Како привремен, официјално профункционира во август 2003 година и се користеше од март до октомври од 7 до 19 часот. Но, поради несоодветната патна инфраструктура, фреквенцијата беше минимална.

Друштвата на Македонците од подрачјето на Гора бараат преминот да има постојан граничен режим, што значи да биде отворен 24 часа и да може да минува секој. Тие во барањето наведоа дека во отворањето на преминот од Гора гледаат надеж за економска соработка и нивни опстанок.

фото-тиме.мк