Алармантна е состојбата во текстилниот сектор, се затвораат не само мали, туку и големи фабрики, посочи Кристина Ампева од НВО „Гласен Текстилец”-Штип. Изминатиот месец во нивната канцеларија, но и телефонски имаат дневно ад 20 јавувања од страна на работници, кои се консултираат дали да ги потпишуваат документите, кои им ги даваат работодавците. Ампева вели дека има работодавци кои незаконски им делат откази на работниците по основ на кршење на ред и дисциплина, по што ништо не им следува на работниците, но има и работодавци, кои ги запазуваат сите закони, па на работниците поради лошата финансика состојба им даваат откази поради деловни причини, а заминуваат со испратнини и добиваат паричен надоместок од Центарот за вработување.
-Деновиве имавме јавување од „Мода”-Свети Николе, добро е што работниците се јавуваат да прашуваат, дали е дозволено и што треба да потпишат, потоа што значи тој принуден одмор. Јас не мислам дека Ангел Димитров како член на Организација на работодавчи би си дозволил такви незаконити дејствија и гледам дека отприлика во ред се тие решенија, кои ги изготвуваат на работниците. Значи ќе им следи испратнина, соодветна согласно стажот во фирмата и потоа се пријавуваат во Агенцијата за вработување за да добиваат паричен надомест, вели Ампева.
Немаат податоци колку работници од почетокот на годината останале без работа, според Ампева овој статистички податок треба да го даде Агенцијата за вработување.
-Ние како организација можеме да прибираме податоци врз основ на она што дошло кај нас, како сознание, но ќе напоменам колегите од ЗМАИ кажаа дека од март до декември лани без работа останале 7.000 работници, е сега оваа година колкав е бројот, верувам дека е повторно нови 7.000, но до септември ќе знаеме и што ќе се случува во текстилната индустрија и колку фабрики ќе опстојат, а колку нема да опстојат, вели Ампева.
Смета дека фирмите кои ја злоупотребија државната помош, како што се субвенциите на плати, кои се пристигнати на нивните сметки, а не им се исплатени на работниците треба да се вратат во државната каса и со тие пари Владата да го зголеми паричниот надоместок за работниците, кои се наоѓаат на списокот во Агенцијата за вработување. Посочува дека добар предлог имал пратеникот Иван Јорданов од ВМРО – ДПМНЕ од Штип, кој побарал од ребалнс на буџетот да се зголеми токму тој паричен надоместок во случај на привремена невработеност.
-Работниците кога ќе останат без работа мора да имаат здравствено осигурување, ние тоа го бараме од почеток на кризата, но еве не ни текна како идеја за покачување на тој паричен надоместок. Имавме еве неколку фирми во Штип, каде што работниците не земаа плата со месеци, немаа ниту пензиско, ниту здравствено осигурување, а во време на здравствена криза, немаа здравствено осигурување. Исто така им беа дадени и откази за крешење на ред и дисциплина, по што ништо не им следува, вели Ампева.
Ангел Димитров од светниколска „Мода” вели дека им е намалено производството, затоа и овој месец имаат консултации со работниците, на коишто им се нудат други работни места, во фирмата.
-Досега 55 работници, сами се пријавија, кои сакаат да одат технолошки вишок, на кои ќе им се исплатат седум плати, август и септември ги следува отказен рок, кои ќе добијат 100 отсто од платата. Додека до крајот на овој месец јули, некои од работниците ќе мора да бидат на 70 отсто, како вонреден одмор, вели Димитров.
Посочи дека проблемите што ги предизвика коронавирусот, уште долго ќе се рефлектираат врз стопанство, а секако и врз текстилната индустрија. Лани проблемот бил избегнат, кога шиеле залихи и ги полнеле магицините, а сега какошто вели тие магацини не можат повеќе да се полнат, но и нема пари да се организира ново производство, бидејќи купените репро материјали се купени на кредит. Се додека стоката која стои во магицините не се продаде, модната индустрија и конфекциите ќе имаат голем проблем. Се надева дека нема да има нови локдауни во земјите од ЕУ, со што оптимизмот кај граѓаните, купувачите ќе се врати, па ќе можат повторно да шијат.
-Но овие летни месеци за македонските текстилни компании се многу тешки, од идната недела ќе немаме работа за 160 луѓе и тие мора најпрвин да бидат на принуден одмор, а потоа да видиме и кои ќе бидат прогласени за технолошки вишок, вели Димитров.
МИА