Генералниот секретар на движењето „Беса” и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа смета дека Резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, не ѝ помага на државата да ги отвори преговорите со Европската Унија.
-Начинот како се поставени овие црвени линии мислам дека не и помага на нашата држава во отворање на преговарачкиот процес, односно во чекорот напред кон ЕУ. Секаков вид на поставување на црвени линии мислам дека ја загрозуваат преговарачката позиција на нашата држава. Затоа напоменувам уште еднаш дека текот на преговорите треба да се остави да се одвива, рече Хоџа во интервју за ТВ Канал 5.
Ние, додаде, потполно имаме разбирање во делот на нашите сограѓани Македонци за употребата на нивниот мајчин македонски јазик и за идентитетот.
-Тоа не е спорно, и ние ги поддржуваме нашите сограѓани Македонци во овие преговори со Бугарија. Заради тоа секој, вклучително и Албанци и сите други етнички заедници, ја поддржуваат македонската етничка заедница во овој дел и мислам дека нема ништо спорно што да се убедиме ние внатрешно за тоа што треба и како да настапи државата, рече Хоџа.
Посочи дека очекува после изборите што викендов се одржаа во Бугарија брзо да има нова влада и да има чекор напред во делот на преговорите со помош на нашите сојузници и партнери.
МИА