„Мојот помал брат почна да тренира џудо, а јас цело време бев со него, сакав да го гледам како тренира и како се натпреварува. Како што гледав, одеднаш ми се појавија емоциите, имав силна желба да влезам на татамито и да се борам како него. По само две недели тренинг, јас веќе се борев на државното првенство на кое освоив прво место“, раскажа џудистката Арбреша Реџепи за ММС.
Арбреша ќе ја претставува Македонија на Летните олимписки игри во Токио кои ќе започнат на 23 јули во дисциплината до 52 килограми откако доби специјална покана на 20-годишна возраст за првпат да учествува на најголемиот спортски собир на планетата.
Арбреша се занимава со џудо 11 години и за тоа време ниже успеси во сите категории, односно станала државен првак во сите возрасни групи. На балкнаските натпреварувања има три бронзени медали, една бронза освои на Европскиот куп.
За ММС таа ги откри емоциите кога дознала дека ќе оди во Токио и дека ќе си го оствари сонот.
– Ми се случи нешто најубаво на светот, посакувам секој спортист да го доживее. Сите спортисти сонуваме еден ден да учествуваме на Олимписките игри и да ја претставиме својата земја пред светот – рече Арбреша Реџепи додека се подготвуваше во салата на џудо клубот Ипон.
За жал, оваа олимпијада поради пандемијата ќе се одржува без публика, па на дел од спортистите ќе им биде тешко да ја задржат мотивацијата и концентрацијата на нивото за кое се подготвувале во претходниот четиригодишен олимписки циклус.
– Јас очеувам добри борби, сакам да покажам добро џудо. Желбата е голема, но реалноста може да биде друга. Јас имав и сериозни повреди на рамото, малку паузирав поради тоа и затоа сум умерена во прогнозите. Сега сум подготвена и се чувствувам силно психички – истакна олимпијката.
Арбреша вели дека џудото е специфичен спорт кој бара концентрација, но немањето публика не му наштетува на натпреварувачот затоа што џудистот кога се внесува во борбата не слуша ништо околу себе.
– На некои спортисти не им помага вревата околу себе и некој да навива додека се борат, а некои се силно мотивирани од тоа. Публиката не ми одмогнала никогаш, но мора да се навикнеме дека во арените ќе биде тивко. Во џудото секоја борба бара концентрација, а јас кога се внесувам во борбата, не слушам ништо околу себе – додаде Арбреша.
Таа по природа е пргав борец со силен дух која џудото го избрала како еден од најздравите спортови со кои можела да се занимава. Не и смета ниту кога луѓето се зачудени откако ќе им каже што тренира.
– Кога ќе ме прашаат што тренирам, се чудат од одговорот. Не очекуваат жена да тренира боречки вештини. Но, ова е спорт кој сам по себе е култура, кој бара интелегенција и е спорт без удари, па затоа е популарен и го препорачувам на сите млади кои сакаат да се занимаваат со боречки вештини – истакна Арбреша Реџепи.
Додека Арбреша тренираше, нејзиниот татко Зеглул Реџепи кој е внук на Шабан Сејдиу, освојувач на два бронзени медали од Олимпијадите во Москва и Лос Анџелес, зборуваше со воодушевување за џудото кое според него е вистински начин на живот.
– Поднебјето на Блканот традиционално произведувало борачи. Но џудото е многу паметен спорт и има многу култура во овој спорт. Ако немаш интелегенција, концентрација, физичка подготвеност и математичка прецизност, не можеш да победиш. 90 посто се користи силата на противникот, моментот на противникот и ја користиш само техниката која си ја совладал во текот на тренинзите и малку ти треба да го совладаш. Џудото овозможува многу правилен раст кај децата, ги учи на почитување. Искрено, само во џудото нема национални омрази, извикувања на трибини, се сакаат сите деца, се почитуваат и се дружат. Значи нема никакви верски, расни, етнички предрасуди во овој спорт. Џудото само по себе е култура, начин на живот и начин на однесување. Не е страшно едно дете да биде физички подготвено, но ние го сметаме за машки спорт поради мускулите – рече Зеглул Реџепи кој е поранешен претседател на џудо федерацијата на Македонија.
Орце Костов
Фото: Вангел Тануровски