Без мака нема успех, без жртви нема исполнување на соништа – Со Стефанија Гаштарска за нејзиниот трнлив пат до Бољшој театар – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/21 7:00 PM

Без мака нема успех, без жртви нема исполнување на соништа – Со Стефанија Гаштарска за нејзиниот трнлив пат до Бољшој театар

Без мака нема успех, без жртви нема исполнување на соништа , но најважно од се’ е да знаеш што сакаш во животот , а јас знам, вели Стефанија Гаштарска (19) од Скопје, која е првата Македонка што успеа да заигра во Бољшој театар.  Со нејзината грациозност и професионалност таа успеа да ги добие симпатиите кај руската публика.  Стефанија за ММС вели дека да се биде балерина воопшто не е лесно, бара многу труд , но и откажувања од многу работи кои ги нуди животот. Со часови и часови таа е затворена во салата за да си ја оствари најголемата желба,  а тоа е да стане примабалерина на големата сцена во Русија. Гаштарска во моментов е во Скопје, и во разговорот со неа ни откри како е да се биде на балетската сцена во Бољшој  театар, за која многу нејзини колешки сонуваат, но и како е да се живее толку млада далeку од своето семејство и од својата татковина. 

 

Од каде љубовта кон балетот? Од колку години застана на сцена?

-Балетот ми беше буквално љубов на прв поглед. Мајка ми е балерина, па ја имав таа привилегија да бидам дел од пробите и претставите во театарот, да уживам во гламурозните сценографии, костими, музика. Па некако веројатно и природно ми се роди желбата и љубовта кон балетот. Веднаш штом бев доволно голема, се запишав во државното балетско училиште на мои девет години.

Твојата мајка е балерина, па колку советите од неа ти значат, за што најмногу те критикува и колку спортската дисциплина од татко ти ти помогна во кариерата и животот?

-Секако дека ми помага многу! Таа ми е и најголема подршка , но и голем критичар. Ми се допаѓа тоа што е многу реална! Aко нешто не е добро ми укажува, а кога е задоволна, секако знае да ме пофали. А дисциплината, секако имам од кого да ја наследам… Mајка балерина,татко кошаркар, чичко исто така светски познат кошаркар и репрезентативец. Дисциплината е составен дел од оваа професија и без дисциплина тешко дека може да се постигнат поголеми успеси. Специфично во балетот е што многу лесно излегуваме од форма и многу тешко ја враќаме. И затоа, потрeбна е секојдневна работа, а за тоа секако треба голема самодисциплина, големи жртви и откажувања .

Дипломираше на Бољшој академијата во Москва, а воедно си  и прва Македонка која е дел од овој светски познат рускиот театар.. Како се стасува до тука, колку е тешко?

-Стасав со многу работа ,со високо поставена цел пред себе и верба во самата себе . Секако, тука играат улога и многуте натпревари на кои мајка ми инсистираше да одам, за да видам до каде сум, колку сум постигнала, дали можам да се споредам со останатите, да работам дополнително (за натпреварите ) и секако да бидам забележана од големите балетски имиња, што најчесто се дел од жирито на тие високопрофесионални натпревари. По  натпреварот „Арабеска“ во Перм, добив покана да учам во нивното училиште и од таму покана за во Бољшој Академијата, на која дипломирав во руски клас и со црвена диплома, што значи без ниедна оценка пониска од пет за време на целото школување .

Дали твојата желба е да станеш примабалерина во Болшој театарот?

-Секако да!!! Тоа е следната цел која ја имам зацртано и подготвена сум по цели денови да бидам во сала, да работам, да се посветам максимално за да ми се оствари таа желба и искрено се надевам дека ќе заслужам и ќе добијам таква шанса .

Колку ти недостасува Македонија и како успеа толку мала да се снајдеш во оваа голема европска држава?

-Па, не ми беше сеедно да сум далеку од семејството на 14 години во туѓа држава, далеку од дома, но бев свесна дека без жртви – нема успех. Ако сакаш да постигнеш светски успех , треба да си подготвен и данокот да го платиш, што во случајов значеше да бидам далеку од дома. Но, вредеше! Не беше толку тешко да се прилагодам, бидејќи тоа што го сакав од секогаш – го добив. По цели денови во балетска сала и шанса да работам со најдобрите професори во свет, тоа е бесценето искуство! А, Русија сега си ја чувствувам како втора татковина. Без мака нема успех, без жртви нема исполнување на соништа , но најбитно од се’, е да знаеш што сакаш во животот. А јас знам.

Која престава ти е омилена, а  која најтешко до сега си ја подготвувала?

-Немам омилена претстава, сите ми се омилени! Но, можам да кажам дека „Заспаната убавица “ – „Розе адаџо со 4 кавалери”, ми е најдраго парче што сум го одиграла до сега. Таа ми ја отвори вратата на големата балетска сцена .

Што треба да поседува една балерина за да биде толку успешна?

-Една балерина треба да поседува буквално се’: од физички предиспозиции, амбициозност, танцевалност, интелегенција,  до трудољубивост, талент, музикалност, да нема трема на сцена, да е подготвена да се откажува од многу работи кои се надвор од балетската сала, а исто така и среќа.

Имаш ли  време за забава и за дружење со пријателите и кои се твоите идни планови?

-За жал, многу малку . Балетот не трпи излегување до доцна, забави, пиење. Мора телото да е одморено, бидејќи балетот е премногу тежок, затоа и кариерата на една балерина е кратка, како и кај спортистите. Планови имам многу и како и секогаш големи! Тоа е и моето животно мото „сонувај големо“ . Во моментов имам само желба  да заврши оваа вонредна состојба што го закочи нормалното функционирање на светот и да се вратам во сала и на сцена, а се’ останато ќе си дојде.

Весна Петровска