Законот за бесправно изградени објекти е во нацрт верзија, веќе се комплетира и деновиве ќе биде доставен до Владата на усвојување. Во оваа правна рамка нема да биде ставен објект кој што е во заштитено подрачје, а аспектот на проширување ќе е за граѓаните со ниски примања, за да не плаќаат давачки кон општините, информираше денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Министерот посочи дека очекува сите засегнати и заинтересирани страни да земат активно учество во разгледување на текстот на Законот, заради тоа што, како што рече, направени се сериозни дополнувања и подобрувања.
– Законот за бесправно изградени објекти е во нацрт верзија, веќе се комплетира и и деновиве ќе биде доставен до Владата на усвојување по што ќе оди по редовна постапка. Направивме сериозни дополнувања и подобрувања на квалитетот на Законот после сите опсежни консултации кои ги имавме и со Асоцијација на архитекти и со Комора на овластени инжинери и архитекти, со дел од политичките партии кои што дадоа свои сугестии, изјави Бочварски во одговор на прашање, кој денеска беше во работна посета на Кочани.
Тој напомена дека заштитените зони и подрачја кои во претходниот Закон беа третирани, со добиена согласнот од надлежното Министерство сега се целосно исфрлени од овој Закон, со што, како што рече, нема да може да биде ставен во правна рамка или во легална рамка објект кој што е во заштитено подрачје.
Како што додаде Бочварски, Законот е суштински потребен за ранливите категории на граѓани и за граѓани на кои им е потребен покрив над глава.
– Аспектот на проширување на границата е за оние категории на граѓани кои имаат ниски примања за да не плаќаат давачки кон општините, исто така за комунален надоместок ќе се прошири, ќе се опфати не само за социјално ранливите категории на граѓани, туку и со луѓето со ниски примања и секако ќе има прогресивно плаќање на комунален надоместок, согласно големината на објектот, заради тоа што овој Закон е суштински потребен за ранливите категории на граѓани и за граѓани на кои им е потребен покрив над глава, не за нечиј луксуз, рече Бочварски.
Но, како што посочи министерот, доколку тие имаат поголема квадратура на објектот кој што сакаат да го стават во правна рамка, ќе се плаќа комунален надоместок по повисока стапка над одредена квадратура која ќе биде зацртана.
– Направивме доста консултации, сметам дека оставивме доста простор до целата јавност и до фелата да се изјаснат и сметам дека направивме дополнителни ограничувања. Она што беше и во претходниот Закон актуелно е дека станбените згради со А2 намена нема да се третираат и нема да може да бидат ставени во правна рамка, тоа останува и во ова решение, заради тоа што сметаме дека за такви големи станбени единици не е потребно и не е возможно да се легализираат во ваков принцип, истакна Бочварски.
Тој посочи дека откако ќе помине Законот на Влада, ќе биде прикачен на ЕНЕР и ќе оди по редовна постапка во Собрание, со активно учество на сите засегнати страни.
МИА