Лекар од Хаити, кој живее во Флорида, приведен поради поврзаност со атентатот врз Моиз – ММС
ММС

Објавено на: 07/12/21 11:02 AM

Лекар од Хаити, кој живее во Флорида, приведен поради поврзаност со атентатот врз Моиз

Истакнат хаитски лекар со долгогодишни врски со американската сојузна држава Флорида е приведен вчера под сомнение дека е еден од главните актери во атентатот на претседателот на Хаити, Жовенел Моиз, што беше извршен минатата недела, објавија локалните медиуми повикувајќи се на хаитските власти, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според извештаите, Кристијан Емануел Санон живеел на Флорида повеќе од 20 години.

Директорот на националната полиција на Хаити, Леон Чарлс, рече дека името на Санон го кажало едно од приведените осомничени лица.

Голем број предмети се пронајдени во домот на Санон по неговото приведување, меѓу кои и оружје и муниција, четири доминикански регистарски таблички и капа со етикета со логото на американската Администрација за борба против дрога (ДЕА).

Безбедносните сили на земјата продолжуваат да го истражуваат случајот.

Хаитската полиција соопшти дека 19 осомничени лица, вклучувајќи 17 Колумбијци и двајца Американци, се приведени за време на операциите по убиството на Моиз.

Педесет и тригодишниот претседател на Хаити, Моиз, ја презеде функцијата во 2017 година, по оспорените избори. Откако не успева да одржи парламентарни избори, опозицијата побара тој да се повлече.

Еден ден пред неговата смрт, Моиз назначи нов премиер, кој требаше да ја преземе функцијата.

Предвидено е Хаити да одржи претседателски и парламентарни избори на 26 септември.