За првпат во јавното здравство во нашата земја, денеска се направи една интервенција што означува почеток во работа во една сосема нова сфера во неврохирургијата и неврологијата. Се работи за постапка за стимулација на нервот вагус, која се користи за подобрување на квалитетот на животот на пациентите кои имаат епилепсија – изјави министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на Клиниката за неврохирургија.
Оваа постапка ќе се користи кај пациенти кај кои терапијата нема никаков ефект и кои имаат многу чести епилептични напади и не можат да ги вршат нормалните животни функции.
– Со оваа метода се намалува и фреквенцијата и силината на нападите и сега оваа група пациенти има сериозна шанса да се врати во нормалниот живот, нагласи Филипче.
Во земјава има околу 15 илјади пациенти кои имаат епилепсија, а 30 проценти не реагираат на терапија.
– Тоа значи дека имаат толку чести напади, што едноставно не може да извршуваат нормални животни функции. Еден од пациентите, има по десетина напади во ден, а сега со оваа стимулација на нервот вагус, што минува во вратот и тука се поставува електрода, импулсот оди назад и на тој начин се смирува мозочната активност, односно се редуцираат нападите. Оваа метода во изминатите две децении интензивно се работи и е ново поле во невро науката, појасни Филипче.
Тој изрази благодарност до д-р Вашчаревиќ од Институтот за неврохирургија во Белград, кој заедно со останатиот тим на Клиниката, директорот на Клиниката за неврохириргија во Скопје, Владимир Рендевски и сите колеги кои ќе работат на ова поле.
Директорот на Клиниката за неврохирургија, Рендевски посочи дека ова претставува нова врата во функционирањето и напредокот на Клиниката, од што бенефит ќе имаат сите пациенти.
– Сите пациенти со тешки форми на епилепсија, кои претходно одеа на лекување во странските центри, отсега ќе може да бидат тука и оперативно третирани и секако понатаму, во соработка со Клиниката понатамошниот нивни третман ќе биде правен во нашите простории, што ќе биде големо олеснување за нив, изјави Рендевски.
МИА