Османи меѓу говорниците на Дубровник форумот: Ќе се обрати на панелот „Меѓународната заедница и земјите од Западен Балкан – како да ставиме крај на карантинот?” – ММС
ММС

Објавено на: 07/10/21 7:56 AM

Османи меѓу говорниците на Дубровник форумот: Ќе се обрати на панелот „Меѓународната заедница и земјите од Западен Балкан – како да ставиме крај на карантинот?”

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска на вториот ден од традиционалниот Дубровник форум, оваа година тематски насловен „’Пост’ – пандемиска геополитика – заедништво во поделен свет”, ќе биде говорник на панелот „Меѓународната заедница и земјите од Западен Балкан: како да ставиме крај на карантинот?”, а во агендата има и повеќе билатерални средби со високи претставници, учесници на форумот.

Како што најавија од МНР, министерот Османи ќе ги претстави погледите на Република Северна Македонија во однос на актуелните случувања поврзани со евроатлантската перспектива на земјата и регионот на Западниот Балкан.

Османи вчера пред почетокот на Дубровник форумот имаше повеќе билатерални средби, меѓу кои со заменик помошникот државен секретар и специјален претставник на САД за Балканот, Метју Палмер и со Забине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики во МНР на Германија.

Според  соопштението од МНР, на средбите било разговарано за стратешкото партнерство на Северна Македонија во евро-атлантската заедница, клучните реформски процеси, како и поддршката во таа насока и за следните чекори во однос на европските перспективи на земјата.

На состанокот со високиот претставник од САД, Метју Палмер биле реафирмирани заклучоците од високиот панел во рамките на Преспа форумот за дијалог, а каде лично со свое присуство беше и специјалниот претставник Палмер.

– Засилената обнова на трансатлантските врски, засилениот фокус на САД во однос на земјите од Западен Балкан, но и продлабочувањето на Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД преставуваат заеднички геостратешки интереси кои остануваат важен приоритет во рамките на нашата надворешна политика, изјавил Османи на средбата.

На средбата со Забине Штер, во фокусот на разговорот била европската перспектива на земјата, но и регионалниот аспект особено Берлинскиот процес, последните заклучоци што се донесоа во рамки на оваа иницијатива и активности што следат за нивно преточување во конкретни проекти.