В.д директорот на Царинската управа, Горан Сугаревски, најави на својот „Фејсбук“ профил дека ќе влезе во трката за кандидат за градоначалник на општина Прилеп. Сугаревски напиша дека се повлекува од јавната должност во Царинската управа, за да остави сомнеж дека ќе ја користи извршната власт во влијаењето на постапката за избор на кандидат за градоначалник.
-Денес објавувам дека влегувам во демократска трка за кандидат за Градоначалник на Општина Прилеп на локалните избори. Доколку ја добијам довербата на моите сопартијци, сигурен сум дека како кандидат на СДСМ, заедно со жителите на нашата Општина Прилеп ќе оствариме заедничка сенародна победа. Победа на која ќе бидеме горди. Зошто го правам ова сега, неколку месеци пред локалните избори? Затоа што сметам дека на еден град херој му личи да биде пример и предвесник на новата скала во демократскиот развој. Јас целата своја досегашна политичка кариера ја поминав како политички фајтер, но кој никогаш не задавал удари под појас. Затоа сметам дека е единствено исправно и политички коректно на истекот на шестмесечниот мандат на в.д. директор да прекинам да ја обавувам јавната должност во Царинската управа. Не сакам да оставам ниту трошка сомнеж дека на било каков начин ќе го злоупотребам моето учество во извршната власт за да влијаам на постапката за избор на кандидат за градоначалник, рече Сугаревски.
Тој додаде дека длабоко е убеден за овој логичен и принципиелен исчекор во една модерна, транспаретна и демократска партија како СДСМ.
-Внатрепартиската процедура не смее да има ниту една дамка. Нека победи најдобриот. Ако членството на Општинската организација на СДСМ Прилеп и централното партиско раководство ја даде довербата на друг кандидат, бидете сигурни дека ќе му ја дадам мојата безусловна подршка и ќе трчам како да сум јас, завршува Сугаревски.