Денес во земјава пристигна донација од 100.000 вакцини од производителот „АстраЗенека“ од нашиот сосед Република Грција. Донацијата е на лична иницијатива на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, што му ја има ветено на нашиот премиер, Зоран Заев, напиша министерот за здравство, Венко Филипче, на својот „Фејсбук“ профил.
-Уште еднаш се потврдуваат добрососедските односи и поддршка кои се особено значајни во време на пандемија. Голема благодарност до грчкиот народ, владата на Република Грција и амбасадорот на Грција во нашата земја, Н. Е Русос Кундурос со кој утрово ги пречекавме вакцините. Истите веднаш ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови и наменети за лица над 60 години согласно нашата стратегија за вакцинација, стоеше во објавата.
Вакцинацијата забрзува и од понеделник сите граѓани ќе може без закажан термин да се вакцинираат против коронавирус.
Фото:
Facebook / Венко Филипче