Децата од Гевгелија се негативни на корона: Во испитувањето на случајот со инфекција се вклучува и тим од Детската клиника – ММС
ММС

Објавено на: 07/9/21 11:41 AM

Децата од Гевгелија се негативни на корона: Во испитувањето на случајот со инфекција се вклучува и тим од Детската клиника

Клиничката слика на децата од Гевгелија кои беа хоспитализирани поради респираторен вирус, е неспецифична за овој период од годината – вели министерот, Венко Филипче.

Децата веќе се тестирани и за коронавирус, но тој не е регистриран кај ниту едно од нив. Во текот на денешниот ден треба да се утврди дали е потребно да им се земат и диполнителни брисеви за да се утврди за што точно станува збор.

„Како што кажа директорот на Болницата, таква клиничка слика е малку неспецифична за овој период од годината. Тоа се инфекции карактеристични во есенските месеци. На ПЦР тестовите не е докажан САРС КоВ-2 вирусот, но мора да знаеме за што се работи. Веднаш инициравме тим од Клиниката за педијатрија – директорката, една докторка од  Одделот за пулмологија и уште една од Одделот за детска кардиологија да одат и да поразговараат со нивните колеги педијатри од Болницата во Гевгелија. Немаме информација дека има во кој било друг град.  Вчера кога зборувавме со директорката на Педијатрија ми кажа дека едно дете било препратено од Гевгелија , меѓутоа и таа не знаела дека тоа дете е дел од поголема група деца, а нема нешто такво од било кој друг град“, додаде Филипче.

Станува збор за деца на возраст од две до пет години со респираторен синицијален вирус, вообичаен за зимскиот период од годината.

 

В. Ми