Германија денеска ја предупреди Русија да не ја попречува хуманитарната помош на Обединетите нации (ОН) од граничниот премин во Турција за милиони бегалци во северна Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Како членка на Советот за безбедност на ОН, Русија мора да обезбеди пристап на групите за помош до Баб ал Хава, единствениот граничен премин“, изјави за германскиот весник „Аугсбургер Алгемајне“, Герд Мулер, федералниот министер за развој.
„Заканата да се затвори граничниот премин кон северна Сирија за хуманитарна помош е неприфатлива. Снабдувањето со прекугранична помош е од витално значење за овие жени, мажи и деца“, рече тој.
Тој предупреди дека со затворањето на граничниот премин во близина на Идлиб, Турција би била во лоша ситуација во услови на коронавирусот кој се шири во Сирија и хуманитарната состојба којашто се влошува.
„Наместо да го затвориме единствениот преостанат граничен премин, потребни ни се најмалку два премини“, додаде тој.
Камиони кои превезуваат хуманитарна помош од Турција до територијата контролирана од сириската опозиција минуваат секој ден преку преминот Баб ал Хава. Но, ако Советот за безбедност на ОН не успее да се договори за продолжување на отворањето на границата, хуманитарните пратки може да завршат оваа сабота.
Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, во писмото до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, посочи дека Русија ќе стави вето.
Од гледна точка на Москва, прекуграничната помош на ОН го поткопува суверенитетот на режимот на Асад, кој Русија го поддржува.
Русија ја искористи својата моќ на вето во Советот за безбедност за да спречи проширување на уште три вакви премини за хуманитарна помош.
Околу 3,5 до 4 милиони цивили во моментов живеат во северозападна Сирија.
Обединетите нации проценуваат дека повеќе од 70 отсто од населението во регионот зависи од хуманитарна помош, вклучувајќи храна, вода и медицински материјали, како и помош поврзана со пандемијата.
Илјада камиони преминуваат во Сирија од Турција преку Баб ал Хава секој месец, обезбедувајќи прехранбени кошнички за 1,4 милиони цивили, како и вода, медицинска помош и едукативни материјали меѓу другите производи.