Ни недостасуваат уште 100 евра за да живееме на минималец – Синдикалната кошница и бега на просечната плата – ММС
ММС

Објавено на: 07/9/21 10:00 AM

Ни недостасуваат уште 100 евра за да живееме на минималец – Синдикалната кошница и бега на просечната плата

Ниту со просечна плата никако не може да се  стигне минималната синдикална кошница која за јуни изнесува 34.212 денари. Тоа е за 5.744 денари повеќе од просечната нето плата во Македонија која според последниот податок од Државниот завод за статистика била 28.438 денари за април годинава.

Најголем дел од луѓето во Македонија, посебно оние граѓани што работат во приватниот сектор заработуваат помалку од државната просечна плата, а тоа значи дека за да го преживеат месецот со минималната синдикална кошница ќе им требаат уште најмалку 100 евра.

Синдикалната минимална кошница не можат да си ја дозволат ниту семејства кои земаат две минимални плати, а од ССМ сметаат дека за основните потреби во Македонија се потребни многу поголеми примања.

“Последните податоци говорат дека Синдикална кошница за месец јуни 2021 година е зголемена за 562,00 денари во однос на почетокот на годината јануари 2021 година, поради евидентното зголемување на индексите на трошоците на живот.  Вредноста на Синдикалната минимална кошница за јуни 2021 година изнесува 34.212,00денари“, соопштија за ММС од Сојузот на синдикати на Македонија.

ССМ уште во 2011 година ја претстави својата Синдикална минимална кошница, но и тогаш и денес просечната плата покрива околу 70 до 80 посто од неа.

Кошницата се изработува според вредноста на потрошувачката кошница што ја изработува Државниот завод која вклучува 63 производи, но исхраната и пијалоците не се единствениот трошок за нормално функционирање на едно семејство.

Синдикалната минимална кошница се прави за претпоставено четиричлено семејство кое живее во дом од 50 м2 и не поседува автомобил.

Синдикалната минимална кошница вклучува седум групи: исхрана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување и здравје.

Првата група трошоци е преземена од Државниот завод за статистика, затоа што оние 63 производи, иако не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната. Таа вредност во ССМ не се зема како просечна, туку како минимална вредност.

Домувањето има две подгрупи: комунални трошоци, со пет елементи, и покуќнина, опрема за куќа и одржување.  За превозот се вклучени минимални изразени трошоци, односно два месечни билети за превоз, работнички и ученички или студентски. Облеката и обувките вклучуваат набавка на по едно парче облека и обувки за секој член на семејството по сезони. Во пресметката за култура се вклучени трошоците на три производи, и тоа еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник.

Одржувањето и здравјето вклучува основни трошоци за лекарства, без лекарствата за хроничните болести.

Во синдикалната кошница не се вклучени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци.

„ССМ оправдано во изминатиот период бараше минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60% од просечната плата, поради тоа што ниту просечната плата ниту пак две минимални плати не се доволни да ја покријат Синдикалната минимална кошница.  Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот и цени тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на Синдикалната минимална кошница“, стравуваат од Сојузот на синдикати.

Податоците на ССМ покажуваат дека, реално на едно семејно домаќинство  му се потребни најмалку 1,5 до 2 просечни плати, но и тоа ќе значи само овозможување на најосновните потреби.

„Се надеваме дека во наредниот период со најавеното зголемување  на просечната плата кое задолжително ќе го следи и зголемувањето на минималната плата ќе се подигне стандардот на македонските работници, а потсетуваме дека зголемувањето на платите  многу лесно може да се оствари доколку сите работодавачи ги почитуваат законите и колективните договори, преку  што и веднаш би се зголемиле платите на работниците“, додадоа од ССМ.

Орце Костов

фото: В. Тануровски