Регистрираните пациенти со делта сој не биле вакцинирани, велат од МЗ – ММС
ММС

Објавено на: 07/6/21 9:20 PM

Регистрираните пациенти со делта сој не биле вакцинирани, велат од МЗ

Ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на SarsCov2 не е вакциниран за Ковид-19, соопшти Министерството за здравство.

По направените анкети со пациентите, посочуваат од Министерството, утврдено е дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани.

– Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на делта сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент, кој осум-девет дена откако појавил симптоми на Ковид-19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација, информираат од МЗ.

Во моментов, додаваат, се вршат епидемиолошки анкети на останати членови од семејството на двајца од хоспитализираните пациенти, кои живееле во заедница и можно е да се утврди и кај нив присуство на индијски сој на вирусот.

Министерството за здравство апелира до граѓаните за што помасовна вакцинација, како и придржување кон основните препораки за заштита од Ковид-19.

– Сите вакцини со кои располагаме се безбедни и ефикасни и се единствениот начин за заштита од Ковид-19, наведуваат од МЗ.

 

 

МИА