Над 150 жени абортирале со апчиња на ГАК – ММС
ММС

Објавено на: 07/6/21 10:53 AM

Над 150 жени абортирале со апчиња на ГАК

Од почетокот на годината вкупно 154 жени имале медикаментозен абортус на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. За разлика од нив кои абортирале со апчиња, околу 90 пациентки имале стандардна оперативна процедура. За ова денеска информираа министерот Венко Филипче и директорката на ГАК, Викторија Јовановска.

„Тоа значи дека кај 150 жени согласно индикацијата е избегната оперативната процедура и давањето на анестезијата, што е една значајна придобивка поради тоа што се избегнуваат сите ризици коишто се поврзуваат со оваа интервенција“, појасни Филипче.

Инаку, од денеска во функција е и целосно реновираната ургентна амбуланта на оваа Клиника. Амбулантата дневно опслужува 50-60 жени коишто доаѓаат за различни ургентни состојби во областа на гинекологијата. Опремена е со нови ЦТГ апарати, односно апарати со коишто се регистрира срцевата активност кај бебињата, нов стол и сега амбулантата има пријатен амбиент да ја пружа соодветна здравствена услуга.

„Клиниката за гинекологија и акушерство е институција којашто во целокупниот изминат период најпрво го менаџираше третманот на жените, родилките коишто беа позитивни на коронавирусот со целосно изолирани делови во делот на третманот, интензивното лекување и операциони сали. Се истакнуваат со години наназад со својата експертиза, знаење и менаџирање на целокупниот процес што се однесува на мајчиното здравје, здравјето на бебињата од најраните денови, првите денови на животот што се манифестира како еден успех препознаен и од меѓународни институции, а тоа е преполовувањето на новороденечката смртност за период од две години“, додаде Филипче при денешната посета на Клиника.

 

В. Ми