Научниците стравуваат дека високо заразната нова Ковид-19 варијанта која беснее во Перу можеби е резистентна на вакцините, пренесе Њујорк Тајмс.
Сојот ламбда или Ц.37 за кој се претпоставува дека се појавил во јуни минатата година, се смета дека е виновен за тоа што оваа јужноамериканска земја има најголема смртност во пандемијата.
Оваа варијанта се проширила во триесетина земји, најголемиот дел од нив во латинска Америка, но ламбда се појавил и во Велика Британија и досега се откриени најмалку осум случаи на заразата.
Засега нема забележани случаи на ламбда во САД, тврдат центрите за контрола и спречување на болеста.
Во Перу мутацијата ламбда е присутна во 81% од новите случаи на Ковид, соопшти Светската здравствена организација, а според универзитетот Џон Хопкинс, Перу е во моментов земја со најголем процент на смртност на светот.
Речиси 10% од заразените со коронавирусот на крајот умираат, односно на 100.000 жители има 600 смртни случаи. Тоа е двојно повеќе отколку во Унгарија која е на второто место.
Минатиот месец СЗО ламбда варијацијата ја прогласи за сој кој мора да се следи.
– Ламбда сојот носи голем број на мутации кои водат до можна зголемена трансмисија или можна зголемена отпорност на антитела – соопштија од СЗО.
Научниците во Чиле, земја каде што се смета дека третина од заразените се со ламбда сојот, предупредија дека е можно овој сој да ги избегнува вакцините и затоа смртноста е голема иако во Чиле се одвива една од најмасовните имунизации.
Џеф Барет од Иницијатива за геномика на Ковид-19 на Институтот Велком Сангер во Велика Бриранија рече дека ламбдата има необичен сет на мутации и барем една од нив ја дели со делта сојот, затоа и двете се многу заразни.
Извор: The New York Times