Електронското издание на Службен весник со ист третман како и печатеното – ММС
ММС

Објавено на: 07/5/21 9:38 AM

Електронското издание на Службен весник со ист третман како и печатеното

На 27 јули 2021 година електронското издание на службеното гласило и официјално ќе биде правно обврзувачко како што е печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија”, кој е објавен во „Службен весник на РСМ” број 21 од 27 јануари 2021, се овозможи електронското издание на службеното гласило, да добие официјален карактер.

Оваа новина, како што информираат од ЈП Службен весник, на електронското гласило му дава подеднаков третман со печатеното издание, односно, шест месеци од донесувањето на измените, електронската форма на службеното гласило станува правнообврзувачка.

Донесувањето на оваа измена е резултат на повеќегодишното настојување на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија за спроведување на ефикасни и континуирани реформи засновани на европските искуства и стандарди, особено во делот што претставува јавен интерес.

Токму затоа и самиот Закон за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија” е во правец на следење на постојниот тренд во оваа област и е изработен согласно со компаративните искуства во областа на објавување на законите и на другите прописи и акти во службените гласила во земјите од регионот како и искуствата од издавачите на службените гласила во ЕУ.

МИА