(ВИДЕО) Љубов и почит за Спинацола од своите репрезентативни колеги – ММС
ММС

Објавено на: 07/3/21 4:47 PM

(ВИДЕО) Љубов и почит за Спинацола од своите репрезентативни колеги

Во четвртфиналето од ЕУРО 2020, фудбалската репрезентација на Италија ја совлада првопласираната селекција на ФИФА ранкингот, Белгија, со 2:1 на „Алијанц Арената“ во Минхен и прогресираше помеѓу четирите најдобри тимови на големиот европски собир.

Головите на Николо Барела и Лоренцо Инсиње беа и повеќе од доволни да се порази силниот опонент, кој патот до мрежата на Џиџи Донарума го пронајде преку ударот од белата точка реализиран преку шпицот на Интер, Ромелу Лукаку.

Но, огромната победа на „Аѕурите“ падна во сенка на тешката повреда што ја заработи левиот бек на Рома и еден од подобрите поединци на Европското првенство, Леонардо Спинацола. На петнаесет минути до крајот на дуелот, експлозивниот дефанзивен со изразени офанзивни карактеристики, ја скина ахиловата тетива и беше изнесен на носилки од теренот.

Веројатно една од најнепријатните спортски повреди, ќе го оддалечи дваесет и осумгодишниот играч од „зелениот тепих“ минимум седум месеци. Неговите соиграчи после победата во автобусот го извикуваа неговото име и разговараа со Спинацола кој се наоѓаше во болница, а денес во репрезентативниот камп го пречекаа онака како што доликува за еден сложен колектив.

 

Тимскиот дух и взаемната поддршка, претставуваат токму клучни елементи во успехот и играта на селекцијата предводена од Роберто Манчини, за многумина и фаворит за освојување на дисперзираниот шампионат.

Полуфиналето помеѓу Италија и Шпанија ќе заземе место на шести јули од 21:00 часот на легендарниот „Вембли“.

 

Фото:

Twitter

 

д.ј