Даштевски од ДИК: Ќе стасаме со набавката на терминали за отпечатоци од прсти за локалните избори – ММС
ММС

Објавено на: 07/2/21 2:46 PM

Даштевски од ДИК: Ќе стасаме со набавката на терминали за отпечатоци од прсти за локалните избори

Постапката за јавна набавка на терминали за вчитување на отпечатоци од прсти, што првпат треба да се користат на локалните избори, е во тек. Вчера се отворени понудите. Пријавени се четири компании и постапката продолжува да тече, изјави денеска за МИА претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски во изјава .

Тој смета дека терминалите ќе бидат набавени навреме за локалните избори, кои, според него, најверојатно би биле распишани на почетокот на август.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница усои ИКТ Стратегија, за која Даштевски вели дека ќе овозможи заштита повисока од претходните избори, кога Комисијата не можеше навреме да и ги презентира резултатите од изборите на јавноста.

– Постапката за јавна набавка за гласање со отпечаток на прст е во тек. Минатата недела имавме известување за целокупната јавност дека ќе биде отворање на понудите вчера, како и што се случи. Се пријавија четири компании и постапката продолжува да тече – значи сега се другите дејствија што се предвидени во Законот за јавни набавки до конечното завршување, што ќе оде по истекувањето сите рокови предвидени по Законот за јавни набавки.

Во овој момент во тек се подготовки на тендерите што се однесуваат на јавните набавки за доверливиот и недоверливиот материјал за избори, а во меѓувреме ДИК работи на надградување на компјутерскиот систем за да нема проблеми како на последните парламентарни избори.

 

МИА