Цел свет нека види како гордо ќе трчам за Македонија – Атлетичарот Јован Стојоски, кој е роден во Србија, ќе не претставува на Олимпијадата – ММС
ММС

Објавено на: 07/6/21 10:00 AM

Цел свет нека види како гордо ќе трчам за Македонија – Атлетичарот Јован Стојоски, кој е роден во Србија, ќе не претставува на Олимпијадата

Секој млад спортист кога ќе застане на славниот стадион Маракана во Белград сонува да биде новиот Дарко Панчев, Дејан Савичевиќ или Дејан Становиќ, но не и нашиот атлетичар Јован Стојоски кој ќе ја претставува Македонија на Летните олимписки игри во Токио.

Јован Стојоски е роден во Белград, но има македонско потекло од страна на татко му кој е роден во Македонски Брод, а неговото семејство има куќа близу Охридското езеро.

„Пораснав во спортско семејство, мојот татко креваше тегови. Почнав да тренирам карате и потоа продолжив со фудбалот. Променив четири клуба, но никако не се пронајдов во овој екипен спорт. А, во атлетиката влегов сам. Еден ден се разбудив и отидов на Маракана. Кога застанав на теренот, си замислив дека сум на Олимписки игри и очите на цел свет се вперени кон мене“, откри Јован во разговорот со ММС кој во следниот  период ќе и ги претстави на македонската јавност сите олимпијци кои ќе учествуваат на Игрите од 23 јули до 8 август.

Јован почнал да тренира атлетика кон крајот на 2011 година под палката на македонскиот тренер Исмаил Мачев, дел од славната југословенска штафета 4х400метри која на СП во Токио во 1991 година го освои четвртото место. Мачев починал во 2019 година и сега Јован работи со Марина Мишиќ од Белград.

„Се сеќавам на првата средба со Исмаил. Ми рече да донесам шорцеви, маица и пешкир и да дојдам на тренинг. Но, мислев дека не сум талентиран откако почнав да работам со девојчиња кои беа подобри од мене. Прв тренинг ми беше 5х60 метри спринт. Помеѓу најбавните бев, но еве после скоро 10 години тренинг ситуацијата е малку поразлична“, истакна Јован.

Првиот медал го чекал цели три години. Го освоил во 2014 година со штафетата на Б тимот на Звезда. Десет години подоцна, витрините на Јован Стојоски се полни со 50 медали.

Во 2016 година влегол во репрезентацијата на Србија и настапил на Балканското првенство, но во следните две години не добил повик. Во разговор со тренерот и татко му, кој потекнува од Македонија, ги зел резултатите и ги испратил во атлетскиот клуб „Охрид„ кој веднаш го повикал на тренинзи.

„Заминав и навистина ми беше подобро во овој клуб затоа што успеав да се пробијам до Европското првенство, а се надевав дека ќе стигнам и до место на Олимписките игри“, рече Стојоски.

Македонскиот олимписки комитет одлучи токму Јован Стојоски да биде македонски претставник во атлетика на ЛОИ во Токио благодарение на одличните резултати во олимпискиот циклус. Светската атлетска федерација посочи дека треба да се испрати најдобриот рангиран атлетичар во дисциплината во која што настапува. Според овие пропозиции тоа беше Јован Стојоски кој со неговиот резултат од 46,82 на 400 метри успеа да го обезбеди својот пласман за Олимпијадата во Токио.

Од 2019 година наваму Стојоски има константен напредок во својата дисциплина и во последните шест месеци истрча шест трки, од кои четири му беа под 47 секунди на 400 метри. Тој веќе се подготвува за настапот на први август во Токио.

–  Од Олимпијадата очекувам да дадам се од себе и да уживам во секој момент во тие две недели. Дозволено е само 10.000 гледачи во трибините и тоа само од Јапонија, таква е одлуката на властите. Но, знам дека цел свет ќе ме гледа на ТВ како гордо ја претставувам Македонија – истакна Јован за ММС.

После неговиот избор да ги браните боите на Македонија, во македонската јавност се појавија и првите напади од луѓето кои сметаат дека тој не го заслужува дресот на Македонија затоа што не зборувал македонски и не живеел тука, а во меѓувреме настапил и за српската репрезентација.

– Не знам за такви луѓе кои мислат дека не го заслужувам македонскиот дрес, ама ако постојат не знам што да кажам за тоа. Настапувам за Македонија веќе три години и на секој натпревар давам 101% од себе. Имам подршка од сите кои го  сакаат спортот во Македонија. А, конкуренцијата нормално дека не е на моја страна, ама и тоа разбирам. Кој губи има право да се лути. Инаку, јас и зборувам и разбирам македонски – порача Јован.

Точно пред 30 години на Светското првенство во атлетика, неговиот покоен тренер Исмаил Маки Мачев трчал во најбрзата „бела штафета“ 4х400 метри на истиот стадион на кој ќе трчат и Јован на 1 август и тоа ќе биде голем мотив за него:

– Стадионот сега е реновиран и има подруг изглед, но се наоѓа на истата географска положба. Тој историски факт ќе биде огромен мотив за мене. Голема благодарност до мојот тренер Марина Мишиќ, до семејството, до Атлетската федерација на Македонија , Македонскиот Олимписки Комитет, спонзорите, како и на сите кои ми помогнаа во мојот напредок – додаде Стојоски.

 

Орце Костов

фото: Приватна архива