Стотици „недокументирани“ мигранти го продолжуваат штрајкот со глад во Белгија – ММС
ММС

Објавено на: 07/2/21 9:45 AM

Стотици „недокументирани“ мигранти го продолжуваат штрајкот со глад во Белгија

Стотици „недокументирани“ мигранти во Белгија се во тешка здравствена состојба поради штрајкот со глад кој трае повеќе од еден месец, а некои од нив почнаа да ги шијат устите во знак на револт бидејќи не можат да добијат престој во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Речиси 150.000 мигранти живеат во земјата со години без законски престој или документи за работа.

Околу 400 од нив веќе шест месеци живеат во цркви и универзитетски кампуси во центарот на Брисел.

Мигрантите, кои штрајкуваат со глад 40 дена, бараат Владата да направи договор со закон за да им се даде правен статус.

Состојбата на нерегуларните мигранти кои се дојдени во Белгија од Алжир, Тунис, Авганистан, Пакистан и многу африкански земји, е тема на дискусија со години.

Претходно организираните штрајкови со глад на мигрантите во 2000 и 2009 година и нивните барања законски да бидат вклучени во системот беа исполнети од властите.

Мигрантите, кои ги поставуваат истите барања и имаат поддршка од социјалистичките и еколошките политички партии, овој пат се соочуваат со големи пречки, бидејќи сегашната Влада има многу строг став и силно ги отфрла нивните барања.

Штрајкувачите со глад не се откажуваат од своите барања.

Ахмед, портпаролот на штрајкувачите со глад, изјави дека мора да се најде соодветно решение и законите за имиграција да се преуредат според моменталната политичка и економска состојба во Белгија.

„Работиме во Белгија многу години, но не постои закон кој нѐ штити од несреќи при работа. Немаме социјално осигурување”, изјави тој за АА.