Специјално за ММС од Загреб, Вања Мицевска
Пандемијата ги пресече иницијативите за економска соработка, но таа не е единствената причина поради која соработката не беше на повисоко ниво. Не се’ зависи од луѓето во бизнис секторот – констатираше денеска претседателот на државата, Стево Пендаровски во своето обраќање пред македонската и хрватската бизнис заедница.
„Јасно е дека е важен интегритетот и стабилноста на институциите, најважно е владеењето на правото, важно е нивоата на корупција да се сведат на најниско можно ниво“, порача Пендаровски на билатералната деловна средба во Загреб организирана во соработка со Хрватската трговска комора.
„Оптимиситчките сценарија за македонската и хрватската економија се дека четвртиот квартал од оваа година може да донесе поголеми стапки на економски раст и да биде предвесник на она што ќе се случува следната година кога би можеле да очекуваме целосно враќање на економскиот потенцијал“, истакна шефот на државата. Тој се осврна и на вакцинацијата и порача дека токму поради имунизацијата на населението, вратите пополека се отвораат и билатералната економска соработка може да се врати кон старите патеки.
Дел од неговата делегација на настанот се и претставници од Сојузот на стопански комори на Македонија.
„Она што го детектиравме како исклучително важно на краток и на среден рок е да се интензивираат разговорите околу трговската размена, индустриското производство, инвестиции меѓу двете држави и развој од областа на туризмот. Потенцијалот е голем и фондовите кои се достапни од ЕУ, а кои создаваат билатерални можности“, истакна претседателката на ССКМ, Данела Арсовска.
Денешната деловна средба е дел од официјалната посета на Пендаровски на Хрватска, кој во текот на внерашниот ден се сретна и со неговиот колега Милановиќ, со премиерот Пленковиќ и со претседателот на Парламентот на Република Хрватска, Јандроковиќ.