Во пет до дванаесет Охрид се разубавува. Утре почнува Преспа форумот за дијалог, кој ќе трае два дена и кој се оджрува во Охрид, а дури денес се полнеа дупките на влезот во градот и патот по кој треба да поминат високите гости од Европа и САД, за да стасаат до хотелот каде се одржува конференцијата.
Утрово се поставуваше заштитна ограда на автопатот во градба, кој поради бавната изградба пропаѓа, а се работеше и во градот, се пополнуваа и асфалтираа дупки.
Граѓаните на шега велат треба да има избори или некој вака голем настан за да почнат да се решаваат важни инфраструктурни проблеми во Охрид, бидејќи и во чест на враќањето на туристите, по пауза од една пандемиска година, тоа не се направи. Изминатите денови, пак, ја косеа тревата и трњата, кои се наоѓаат кај излезот на Охрид, во правец на хотелот “Метропол“. А веќе во Охрид на сила се и посебни безбедносни мерки.
„Се прават активности што се насочени кон сообраќајно и физичко обезбедување на сообраќајниците и други објекти. Поради тоа остварени се контакти со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, со јавните претпријатија како и со други релевантни субјекти. Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид почна да ги известува сопствениците на патнички и други моторни возила веднаш да ги дислоцираат од коловозната лента или тротоарите по булеварот „Туристичка“ и на неколку други улици во централното градско подрачје. На тие сообраќајници не е дозволено запирање или паркирање на моторни возила, информираат од СВР Охрид.
Граѓаните велат дека местата каде ќе поминуваат високите гости треба да се чисти и убави секој ден, како што би требало да личи град, кој е под заштита на УНЕСКО и кога не се одржуваат вакви големи настани. А новиот режим додека трае настанот не ги засега само возилата, туку за внимавање полицијата упати апел и до охриѓани, кои додека трае меѓународната конференција своите возила да ги користат само во исклучиви ситуации, а тие да користаталтернативни превозни средства и да ги почитуваат насоките и укажувањата на полициските службеници.
Мики Трајковски