Службеникот одговорен за заштита на личните податоци на германската Влада, Улрих Келбер, изјави дека информациите на корисниците на Фејсбук не се безбедни и побара јавните институции кои имаат профили на Фејсбук да ги затворат до крајот на годината, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Наведувајќи дека на почетокот на јуни испратил писмо со предупредување до јавните институции, особено до министерствата во земјата, Келбер рече дека официјалните лица на Фејсбук бавно ги преземаат потребните чекори за да ги заштитат корисничките информации и да спречат тие да се користат на други платформи.
Во своето писмо, Келбер потенцира дека сметките на социјалните мрежи на јавните институции треба да бидат затворени до крајот на оваа година, во спротивно, тие од следната година ќе започнат со присилни мерки во рамките на нивните овластувања.
„Нема време за губење, со оглед на постојаното кршење на заштитата на личните податоци. Ако имате фан-страница [на Фејсбук], силно препорачувам да ја затворите до крајот на годината“, нагласи Улрих Келбер.
Тој подвлече дека е невозможно личните податоци на корисниците на Фејсбук да се користат без да бидат пренесени во САД.
Од друга страна, според законот на Европската Унија, личните податоци може да се пренесат надвор од ЕУ само за правните институции на друга земја со еквивалентни правила за заштита на податоците.