Надворешниот долг се намалил за 95 милиони евра – НБРМ ги објави податоците за првиот квартал од 2021 година – ММС
ММС

Објавено на: 06/30/21 1:20 PM

Надворешниот долг се намалил за 95 милиони евра – НБРМ ги објави податоците за првиот квартал од 2021 година

Народната банка на Македонија ги објави позначајните статистички промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција кои се пресметани после првиот квартал од 2021 година.

„Нето надворешниот долг изнесува 3.297 милиони евра (или 28,4% од БДП), што претставува квартално намалување за 95 милиони евра. Од аспект на структурата, и понатаму поголемо учество во вкупниот нето-долг има приватниот нето-долг (од 61%).

Бруто надворешниот долг изнесува 9.833 милиони евра (84,8% од БДП) и забележа квартално зголемување од 1.203 милиони евра, додека бруто надворешните побарувања изнесуваат 6.537 милиони евра (56,4% од БДП) и забележаа зголемување од 1.298 милиони евра“, велат од Народната банка.

Негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) изнесува 6,985 милиони евра, или 60,2% од проектираниот БДП за 2021 година и на квартална основа бележи намалување за 35 милиони евра. Од аспект на структурата на нето МИП, најголемиот дел, или 83%, се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, главно врз основа на сопственички капитал.

О.К.