Геронимо Хенри, кој минал 11 години во црковен интернат: Канада може да биде обвинета за геноцид – ММС
ММС

Објавено на: 06/29/21 3:50 PM

Геронимо Хенри, кој минал 11 години во црковен интернат: Канада може да биде обвинета за геноцид

Геронимо Хенри (84), припадник на домородната заедница во градот Брантфорд, Канада, повика на правда за сите деца откако беа пронајдени неколку стотици необележани гробови на местото на некогашниот црковен интернат во покраината Саскачеван.

Говорејќи за Агенција Анадолија (АА), Геронимо се потсети на времето кога тој престојувал во училишниот интернат на Институот „Мохавк“ во градот Брантфорд во Онтарио и рече дека поминал 11 години таму, од 1942 до 1953 година. Тој истакна дека откривањето стотици необележани детски гробови во дворовите на некогашните црковни интернати во Британска Колумбија и Саскачеван претставува геноцид.

Хенри, кој е член на домородната заедница Шест нации, изјави дека кога имал шест години бил однесен во тоа училиште и додека не заминал оттаму до возраст од 17 години, а дека неговиот брат и две сестри биле исто така донесени во училиштето.

Тој рече дека неговиот брат успеал да побегне од училиштето и никогаш не се вратил, а дека тој не бил во можност да ги види своите сестри иако бил во истото училиште.

Во Канада, 139 училишни интернати, што беа отворени од Католичката црква во 1800-тите години во име на канадската Влада, а последниот беше затворен во 1997 година, станаа места каде што над 150.000 домородни деца се присилно земени од своите семејства и однесени во тие интернати.

Училишниот интернат на институтот „Мохавк“, што беше отворен во 1831 година од страна на Католичката црква, е еден од најголемите во земјата. Затворен е во 1970 година, а неговата главна зграда останува затворена поради реновирање.

Училиштето служи како културен центар од 1972 година со три уметнички галерии, историски музеј и библиотека во зградата што беше изградена подоцна.

 

– Училиштата се отворени за да ги соберат на едно место домородните деца –

Истакнувајќи дека тие 139 училишта низ целата земја биле отворени за собирање на домородните деца на едно место, Хенри ги истакна причините што стојат зад тоа: „Само поради нивната националност или само поради нивниот јазик и култура, тие ни го одзедоа тоа. И верувањето.“

„Моето семејство не верува во Црквата“, рече тој, додавајќи дека како домородни луѓе имаат свој начин на верување.

Наведувајќи дека не гледал никакви гробници додека одел во училиштето, Хенри рече дека секогаш се зборувало за необележани гробници на фарма лоцирана зад училиштето.

„Ние сè уште бараме оваа област да се пребара со радар. Сите терени тука и сите училишта низ Канада“, рече тој, додавајќи дека треба да се идентификуваат телата на сите тие деца и да се направат погребни церемонии за секое од нив според нивното верување.

Повикувајќи на правда за сите тие деца, Хенри истакна дека тие училишта биле како затвори за децата: „Ние не сторивме никакво злосторство. Само поради тоа што сме домородци. Претпоставувам дека тоа е нашето злосторство.“

Тој рече дека откако ќе бидат откриени сите необележани гробници и ќе бидат извршени погребите, Канада може да биде обвинета за геноцид, истакнувајќи дека некој треба да плати за трагедиите низ кои поминале овие деца во интернатите. Нагласи дека извинување не е доволно.

– „Канада изврши масакр врз нашите деца во училишните интернати“ –

Жаклин Хаус, уште еден член на домородната заедница Шест нации, рече дека дошла во училиштето да понуди молитва.

Зборувајќи за АА, Хаус рече дека нејзиниот татко бил исто така задржан таму и дека длабоко ја трогнале неодамнешните вести за необележани гробници пронајдени во Британска Колумбија и Саскачеван.

Таа рече дека откако престојувал во тоа училиште со години, нејзиниот татко сега не може да зборува на својот јазик и дека на децата им бил „испран“ мозокот таму.

Нарекувајќи го случајот геноцид, Хаус реч дека училишните интернати во Канада масакрирале деца и повика сторителите да се изведат пред лицето на правдата за нивните злосторства.

Индијанските училишни интернати беа основани од канадската Влада почнувајќи од 1820-тите, а децата од Првите нации се одземени од нивните родители, понекогаш со сила, и морале да заминат во училиштата каде што им е уништена културата.

Првите нации е термин кој се однесува на 600 домородни племиња што живееле во Канада пред да пристигнат европските доселеници.

Околу 150.000 деца оделе во тие 139 училишни интернати, каде што честопати биле подложени на физичко, психолошко и сексуално злоупотребување.

Канаѓаните реагираа со ужас кога во јуни беа откриени речиси 1.000 необележани гробници на поранешните места на интернатите во Британска Колумбија и Саскачеван. Целта на училиштата била да се искорени домородната култура и да им се всади на децата културата на белците.

Околу 4.000 деца починале и биле погребани, понекогаш без да бидат обележани нивните гробови, а на нивните семејства не им било кажувано што се случило со нив.